Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса го информирал својот кинески колега Си Џинпинг за претстојната посредничка мисија на шестмина африкански лидери во Русија и Украина, соопшти денеска јужноафриканското претседателство.
Во мај, Рамафоса рече дека претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, се согласиле да ја примат мировната мисија. Таа делегација е подготвена да ги посети двете земји во средината на јуни. Како што соопштија од јужноафриканското претседателство, Си ја поздравил „иницијативата на африканскиот континент и го препознал влијанието што конфликтот во Украина го има врз човечките животи и безбедноста на храната во Африка“. Африканските земји се тешко погодени од зголемувањето на цените на житото од почетокот на руската инвазија на Украина, главен извозник на пченица и други земјоделски производи. Африка е исто така погодена од поширокото влијание на војната врз светската трговија. Во африканската делегација ќе бидат претседателите на Конго-Бразавил (Република Конго), Египет, Сенегал, Јужна Африка, Уганда и Замбија. Медијаторската и мировната мисија доаѓа додека Јужна Африка се обидува да се одбрани од обвинувањата дека, и покрај декларираната неутралност во конфликтот со Украина, застанува на страната на Русија.