Конференција: Само со научен пристап до одржливо лозарство отпорно на климатски промени

lozarstvo
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Климатските промени имаат сѐ поизразено влијание и затоа треба да преземат мерки за управување во процесот на производство на грозје и вино, со цел да се добие подобар краен производ. Справувањето со влијанијата на климатските промени и долгорочниот опстанок и развој на винската индустрија се возможни само преку континуирана примена на стандарди, научни истражувања, мерења и практики за одржливо лозарство.

Ова е една од клучните препораки на експертите кои учествуваа на стручната конференција организирана од винарската визба „Тиквеш“, во рамки на тригодишниот транснационален Проект „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“.


Покрај стручната конференција, „Тиквеш“ организира и теренска посета за претставниците на организациите што се дел од овој проект. Околу 30 гости од Норвешка, Словенија, Луксембург, Хрватска и Италија, како дел од активностите во рамки на проектот, ги посетија лозовите насади на „Тиквеш“ со цел да се запознаат со практиките за одржливост што ги применува винарницата и стекнатото знаење и искуство да го пренесат во своите земји.

– Ние во „Тиквеш“ веќе некое време сме свесни дека за да ја зголемиме конкурентноста и препознатливоста на нашите вина во светот, неопходно е да ги менуваме досегашните практики во производството на грозје, да ја вклучиме науката и да ги земеме предвид климатските промени кои имаат сѐ поголемо влијание врз лозарството и врз целата винска индустрија. Истовремено, неопходно е интензивно да работиме на примената на ESG-стандардите кои се предуслов за натамошниот одржлив развој и паралелно да ја потврдиме нашата општествена одговорност, пренесувајќи ги нашите искуства и знаења на сите останати чинители од домашната винска индустрија, истакна претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во своето воведно обраќање пред учесниците на конференцијата.

Нагласувајќи го значењето на научниот пристап во лозарството, како предуслов за производство на здраво и квалитетно грозје, професорот Алан Делоар од Институтот „Агро“ од Монпеље, Франција, порача дека во текот на целиот циклус на одгледување на грозјето, вклучително и при неговата берба, треба да се земат предвид факторите кои произлегуваат од влијанието на климатските промени, како што се: температурата на воздухот, изложеноста на лозовите насади на сончевото зрачење и секако соодветната количина на вода во почвата.

– Овие фактори можат значително да влијаат на квалитетот на грозјето и неговата зрелост, а со тоа и на одредувањето на идеалните денови за берба на грозјето за што треба да се размислува на интегрален начин и тоа со краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија, вели Делоар, кој има над тридецениско искуство во областа на лозарството, а повеќе од една деценија бил одговорен за лозовите насади на познатиот светски производител на шампањ – Moët & Chandon.

Во својата презентација, познатиот светски експерт и истражувач од винскиот научен центар при универзитетот Нова Горица од Словенија, д-р Гијом Анталик го акцентираше влијанието на климатските промени врз еволуцијата на винските стилови. Неговите истражувања потврдуваат дека климатските промени влијаат на свежината и на зголемувањето на нивото на алкохол во вината, а од друга страна пак трендовите покажуваат дека потрошувачите сѐ повеќе преферираат посвежи вина со помал процент на алкохол. Затоа ,тој препорачува при производството особено да се внимава на практиките за наводнување на лозјата и на деновите на берба, зашто тоа значително може да влијае на квалитетот на одредени почувствителни сорти грозје.

Во рамки на конференцијата беа претставени и предизвиците со кои се соочуваат производителите на грозје во различни вински региони во Хрватска, уникатноста на вината од регионот Зелен во Словенија, како и искуствата при воспоставувањето на центар за истражување и развој на производство на сајдер во Норвешка.

Проектот „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“ е финансиран од Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, преку ЕЕА и Норвешкиот фонд за грантови за регионална соработка (EEA and Norway Grants Fund for Regional Cooperation). Целта на проектот е да го поттикне развојот на руралните области преку подобрување на заедничкиот истражувачки капацитет и размена на знаење применето во производство на „тероар“ вино и сајдер во избрани области на Словенија, Хрватска, Северна Македонија и Норвешка.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK