Љубителите на кулинарските специјалитети ќе имаат можност да уживаат во избор на јадења од српската национална кујна на традиционалната српска вечер што ќе се одржи во Скопје во хотел Лимак.
Дел од специјално подготвеното мени се предјадењата како гибаница со сирење, кајмак, чварки, залучени пиперки, сарма од кисела зелка и Караѓорѓева шницла, додека главното јадење го сочинуваат печено свинско и уштипци. Десертот е Васина торта во комбинација со српски ликер од орев. Секое јадење ќе биде придружено со далеку познатата српска ракија, како и српски вина.
Автентичната атмосфера за време на оваа „Српска вечер“ ќе биде комплетирана со музика во живо и забавен дел, најавуваат организаторите.
Традиционалната српска кујна ја сочинуваат разновидни вкусови и мириси, поради влијанијата на различни народи и култури. Во неа доминира месото, како и јадењата од тесто, млечните производи и зеленчукот.