Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 27 мај.
Светиот свештеномаченик Терапонт, епископ Сардиски
Мнозина Елини ги обрати во верата Христова, заради што од незнабожците беше луто мачен со глад, затвор и ќотек. Гол го положија на земја, го врзаа за четири суви колца, па немилосрдно го биеја додека не му го свлекоа месото од коските. Но маченикот сепак остана жив, а оние суви колци зазеленеа и пораснаа во високи дрвја, од коишто големо мнозинство болни добиваа исцеление. Најпосле Свети Терапонт беше заклан како јагне, во времето на Валеријан и со душата се пресели во Царството Небесно за да ја гледа славата Божја во вечноста. Чесно пострада 259 година.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е 9 јуни.
Свети Ефрем Сирин
Денешниот патрон е Ефрем Сирин, ѓакон и црковен учител. Роден е околу 306 година во Нисибис (денес турски град Нусајбин, на границата со Сирија), во христијанско семејство. Крстен на 18-годишна возраст, како ѓакон се истакнал со ширење на евангелието, значајни проповеди и големо почитување на Пресвета Богородица. Тој бил ученик на познатиот епископ Јаков од Нисибис, кого веројатно го придружувал во 325 година на црковниот собор во Никеја. Работел како учител во познатото богословско училиште во родниот град. Пред Персијците трипати да го опседнат Нисибис и да го освојат во 363 година, тој се засолнил во Едеса, град во северна Месопотамија (денес Шанлиурфа во југоисточна Турција), каде што станал основач на сириската литература. Прво живеел таму како пустиник во една пештера, а потоа почнал да предава во богословското училиште.