„Сите наши солзи“ во Стразбур

kultura
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Советот на Европа – Палатата на Европа во Стразбур, денеска ќе биде отворена регионална изложба „Сите наши солзи“ посветена на жртвите од војните во Косово, Србија и Северна Македонија.

Изложбата е во организација на меѓународен конзорциум од мировни организации ви трите земји, а поддржана е од ЕУ. Ќе биде отворена до 30 јуни, а пред Стразбур беше прикажана во Белград, Скопје и Приштина.


Изложбата се состои од 34 авторски фотографии, направени од четворица фотографи на различни места во Србија, Косово и Северна Македонија. Автори на фотографите се Арбнора Мемети, Наке Батев, Аде Мула и Борислав Пешиќ.

„Сите наши солзи“ е посветена на приказни од жртвите во војните од Западен Балкан. Целта на оваа поставка е пошироката јавност да се запознае со приказните и да упати молба за поддршка на жртвите и другите погодени групи од регионот во нивната потрага за вистините и правдата.

Приказните претставуваат повеќе аспекти за војните во поранешна Југославија: семејни слики од исчезнати лица, места на злосторства, масовни гробници, внатрешно раселени лица и спомен-обележја, но и долготрајните последици од конфликтите кои и ден-денес се чувствуваат покажувајќи ја целата трагедија и комплексност на војната.

Изложбата е направена во соработка со организации на семејства на исчезнати и починати лица од Србија и Косово, како и семејства на загинати цивили и внатрешно раселени лица од Северна Македонија, со цел да отвори простор за нови можности и заеднички иницијативи во насока на изградба на мир и помирување во регионот.

„Сите наши солзи“ е дел од проектот „Зајакнување на гласот на жртвите, преку трансформација на наративите“ кој е поддржан од сервисот Инструменти за странски политики (FPI) на Европската унија, и се спроведува од конзорциумот составен од Мировна акција (Македонија), Граѓански иницијативи (Србија), Интегра (Косово) и Нова социјална иницијатива (Косово), ПАКС (Холандија) и Меѓународниот центар за транзициска правда (САД).

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK