Распуштен грчкиот Парламент и официјално распишани новите избори во Грција

grcija-vlada
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Грчкиот Парламент помалку од 24 часа откако беше отворен, попладнево се распушти согласно издадениот претседателски декрет потпишан од претседателката Катерина Сакеларопулу и премиерот Јоанис Сармас, со што и официјално се распишани изборите во Грција на 25 јуни, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателскиот декрет беше закачен на влезната врата на Парламентот, а предвидува новиот парламентарен состав што ќе произлезе од изборите, првата седница да ја одржи на 3 јули, односно осум дена по изборите.


Пратениците кои минатата седмица ја добија довербата од граѓаните имаа мандат пократок од 24 часа, што е втор пат во поновата грчка историја, Парламентот да се отвори на само еден ден.

Вчера во 18 часот новите 300 пратеници положија свечена заклетва, денеска беа избрани претседателот на Парламентот, замениците и секретарите, а во 16 часот попладнево, Парламентот се распушти.

Претходно, пратеникот од Нова демократија Константинос Тасулас со 270 гласа „за“ и 26 воздржани, одново доби доверба од пратениците и беше реизбран за претседател на грчкиот Парламентот

Новиот парламентарен го сочинуваа пратеници од пет партии кои на изборите го преминаа прагот од три отсто за влез во Парламентот.

Нова демократија доби 146 пратеници, СИРИЗА 71, ПАСОК- Движење на промена 41, Комунистичката партија 26, а Грчко решение 16 пратеници.

Со објавувањето на претседателскиот декрет и распуштањето на Парламентот, Грција влегува во нов, втор предизборен период откако по изборите на 21 мај, ниту една од партиите не го обезбеди потребното мнозинство за формирање Влада.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK