Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги демантира изнесените ставови на денешната прес-конференција на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, на која обвинува дека надлежните државни органи дозволиле увоз на небезбеден зеленчук со концентрации на пестициди над максимално дозволените концентрации.
-Документите кои ги презентираше Трипуновски не се тајна, напротив, тие се само уште една потврда дека државата си ја врши работата, односно дека контролите се спроведуваат. Како и досега, се додека со лабораториски наод не се потврди безбедноста, пратките со храна, вклучително и со зеленчук, се ставаат под официјален надзор. Не смее и не се пуштаат во промет пред да се добие задоволителен резултат за нив. Во случај на добивање на незадоволителен резултат пратката се поништува, или се наредува враќање во земјата на потекло, стои во соопштението од АХВ.
Пратките на домати кои се увезуваат од Албанија, како што се наведува, се под засилен надзор и за секоја се врши лабораториско испитување.
– За како што вели Трипуновски сомнителните пратки со зеленчук со пестициди, впрочем и самиот тој изразува само сомнеж, но не и тврдење, велејќи дека зеленчукот можел да заврши на пазарите во земјава. Го повикуваме, доколку вистински располага со докази за сторен криминал за кој повикува на одговорност и бара оставки, да ги приложи до надлежните институции, а не преку прес-конференции да ја заплашува јавноста дека државата ги труе граѓаните со небезбедна храна, се вели во соопштението.
Во однос на резултатот од лабораториско тестирање спроведено на Факултетот за ветеринарна медицина, како што се наведува, во објава на социјалните мрежи, мостра од домат по потекло од Република Албанија, кај која е утврдено зголемено присуство на пестициди, за АХВ се работи за мостри на домати кои не се официјално земени од надлежните инспекциски органи, туку од физичко лице и доставени во Факултетот.
-За нив нема никаков доказ за потеклото на доматите и од каде се земени мострите и затоа резултатот од страна на АХВ се смета за сомнеж, стои во соопштението.
Од АХВ посочуваат дека преку инспекторите веќе спроведуваат дополнителни, засилени контроли на местата каде се продаваат домати од оператори кои извршиле увоз од Република Албанија, со цел утврдување на потеклото на доматите, односно дали станува збор за производ од увозно или од домашно производство и дали доколку се увезени ја имаат потребната документација која опфаќа и извршени лабораториски анализи.
– Од почетокот на годинава досега, земени и лабораториски тестирани се 63 мостри од зеленчук (домати,краставици, пиперки), од кои 26 мостри само од домати. Позитивни на пестициди се само две пратки и тоа една со краставици од Албанија ( небезбедно се уништени) и една пратка со пиперки по потекло од Албанија, која се уште се наоѓа по официјален надзор, информира АХВ.
Минатата година земени биле вкупно 133 мостри од увозен зеленчук (краставици, пиперки, домати и други производи). Потврдени се лабораториски четири позитивни резултати на пестициди и тоа два резултати од домати увоз од Албанија, еден позитивен резултат од јаболка и еден резултат позитивен на пестициди во пратка со компир, увоз од Белгија.
-Небезбедните пратки се нештетно уништени, а за оние по потекло од Република Албанија известени се и надлежните државни органи во земјата извозник, за преземање на активности во однос на подобрување безбедноста на производите кои се извезуваат, информира АХВ.