Американците најмногу стравуваат од пензионирањето во последните 11 години, покажува истражувањето на Галуп.
Само 43 отсто од полнолетните граѓани на САД, кои не се пензионери, веруваат дека по завршувањето на работниот век ќе имаат доволно пари за удобен живот, што е најнизок процент од 2012 година, пренесува Си-ен-ен.
Процентот на оние кои веруваат дека добро ќе живеат во пензија е намален за пет проценти во однос на минатата година, или десет проценти во однос на 2021 година, пренесува SEEbiz.
„Овие бројки се прилично мрачни“, рече шефот на Галуп, Мухамед Јунис, додавајќи дека тие ја одразуваат загриженоста поради високите трошоци за домување, стравувањата за безбедноста на парите на банкарските сметки и стравувањата од можна рецесија.
Истражувањето, кое било спроведено од 3 до 25 април, покажа дека жените се значително повеќе загрижени за својата иднина во пензија, бидејќи 36 отсто од жените наспроти 50 отсто од мажите веруваат дека ќе живеат безгрижно во староста.
Оптимизмот и песимизмот зависат и од висината на тековните примања, па 36 отсто од припадниците на средната класа веруваат дека ќе живеат во пензија без финансиски проблеми.
Резултатите од анкетата се во согласност со песимизмот што произлегува од другите истражувања.
Според податоците на Универзитетот во Мичиген, расположението на потрошувачите во САД беше на најниско ниво во мај, а неодамнешното истражување на Си-ен-ен покажува дека 76 отсто од Американците веруваат дека економијата е во лоша состојба.
Само 35 отсто од Американците веруваат дека претседателот Џо Бајден може да направи или препорача добра работа за економијата, според претходната анкета на Галуп.