Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип достигна 1.000 наслови во својата електронска библиотека, соопштија на денешната прес-конференција ректорот, Дејан Мираковски, раководителката на Центарот за издавачка дејност проф. д-р Лилјана Колева Гудева и раководителот на Центарот за е-учење проф. д-р Зоран Здравев.
Колева-Гудева истакна дека Универзитетот „Гоце Делчев“ во 2011 година имплементираше електронската библиотека , која отвори нова можност за изразување и презентирање на издавачката дејност.
-Така се отвори нов и мултимедијален пристап за брза, точна и бесплатна информација, како за студентите, така и за професорите и истражувачите. Е-библиотеката отвори нова можност за изразување и презентирање на издавачката дејност на Универзитетот која ги опфаќа високообразовните, научно истражувачките и стручно-апликативните публикации на сите петнаесет единици, вели Колева-Гудева.
Раководителот на Центарот за е учење забележа дека штипскиот Универзитет е лидер во делот на дигитализацијата, воведувањето на електронскиот индек, е- библиотеката, а какошто рече во следниот период ќе следи и ново надоградување на системот и нова веб страница на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.
Ректорот на УГД-Штип, Мираковски на прес-конференцијата посочи дека книгите се достапни на студентите, вработените, но и секој кој сака да ги симни. Во изминатите 12 години имаат над 450.000 симнувања на книгите кои се достапни во е-библиотеката. Прашан дали се ова се надминува можноста за корупција, односно праксата професорите да бараат студентите да им ги купуваат книгите, а потоа да ги полгаат испитите, Мираковски со потврден одговор и нагласи дека до службите досега ваква пријава од страна на студентите не е пристигната.
-Денес сме сведоци како е-библиотеката на УГД континуирано и секојдневно се збогатува со нови содржини, учебници и учебни помагала од сите 15 единици на Универзитетот. Електронската библиотека располага со 1000 наслови библиотечен фонд, овозможува мултимедијален пристап и претставува база на сите изданија, учебници и учебни помагала на УГД, вели Мираковски.