Во делчевското село Разловци денес одбележани 147 години од Разловечкото востание. Официјалната програма започна во дворот на црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ со положување свежо цвеќе пред спомен-обележјето на поп Стојан, еден од организаторите на Востанието.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски по повод годишнината од Востанието истакна дека Разловечкото востание е симболот на македонскиот непокор, а жителите на село Разловци и нивните предци се меѓу најзаслужните за тоа.
– Сите ја знаеме историјата од која треба да учиме. Но, јас сум максимално посветен – заедно да ја градиме сегашноста и иднината, да оставаме печат за идните генерации што ќе донесе развој и просперитет. За граѓаните кога се работи, потребни се конкретни дела, а не празно чукање в гради и повторување флоскули кои не значат ништо. Изминатиов период решававме децениски проблеми во ова село, а продолжуваме и понатаму, искрено и одговорно, рече Трајковски.
Додаде дека е остварено клучното ветување, за изградба на стариот локален пат Делчево-Тработивиште со што и ова најоддалечено село во нашата општина има современа патна алтернатива.
– Во програмата за реализација за оваа и идната година на ЈП Државни патишта е и рехабилитацијата на локалниот пат Тработивиште-с. Разловци по целата негова траса. Покрај реализацијата на овие проекти за Разловци, во подготовка е изградба на нови улици во селото, истакна Трајковски.
Во рамките на културно-уметничката програма настапија ученици од Подрачното училиште „Св. Климент Охридски“ од с. Разловци, како и Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“, фолклорната група НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и фолклорната група „Копачка.
Настанот беше во организација на Општина Делчево и НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ со поддршка на Министерството за култура. По повод 147 години од Разловечкото востание, се одржа и традиционалниот планинарски марш.