Во Клубот на пратеници во Скопје денеска започнаа Иселеничките поетски средби во организација на Агенцијата за иселеништво. Првите иселенички поетски средби ги отвори директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, а пред учесниците се обратија и директорот на Струшките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски и претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Христо Петрески.
Близнаковски истакна дека Агенцијата за иселеништво преку повеќе активности се грижи за чувањето на македонскиот јазик во иселеништво и тоа преку печатење на книги на иселеници, преку промоции на дела, како и преку доделувањето на наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга поезија во рамки на Струшките вечери на поезијата.
На Иселеничките поетски средби учествуваат поети од Австралија, Канада и од повеќе држави од Европа: Италија, Хрватска, Србија, Шведска и Словенија. Поетите во двата дена ќе имаат можност да се самопромовираат, да ги презентираат своите дела, творби и да се запознаат и вмрежат меѓусебно за понатамошна соработка од областа на културата, соопшти Агенција за иселеништво.