Вукан Њагуљ, проектант на мостот „Беласица”: Бев оптимист, но штетите се посериозни

njagulj
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Иако мојот увид беше визуелен, тој ми ги отвори очите дека обемот на оштетувања е многу поголем отколку што претпоставував врз основа на достапните фотографии. Трагите и оштетувањата од високата температура од пожарот не беа видливи на фотографиите онолку колку што навистина се, вели во ексклузивна изјава за МИА проектантот на мостот „Беласица” Вукан Њагуљ.

Тој во организација на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени изминатите два дена престојуваше во Скопје со цел да изврши увид во состојбата на мостот.


Во разговорот за МИА, инженерот Њагуљ порачува дека оштетувањата треба да се третираат многу сериозно и дека се потребни детални испитувања и пресметки.

-Кога бев на мостот добив впечаток дека она што го видов бара многу посериозен пристап отколку што мислев. Тоа е мое мислење, мој впечаток. Мостот, според мене, не може да се третира како оштетувањето да е мало и безначајно, едноставно затоа што не се знае какво е. Мора да се направи многу детално испитување. Не само визуелно, туку да се отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски. Го слушав интервјуто на професорот Марковски кој рече дека во Македонија не располагате со опрема за сето она што треба да се испита. Но како и да е, тоа мора да се направи и дури тогаш може да се даде проценка за моменталната состојба на мостот, истакнува Њагуљ.

Нагласува дека не станува збор за обични оштетувања како што се корозија или пукнатини, туку за сосема друг тип на оштетување и затоа се потребни прецизни претпоставки за квалитетот на материјалите на мостот.

-Секоја проценка сега, без тие податоци е просто невозможна. И не само тоа, туку мора да се направат и пресметки врз основа на кои ќе се види состојбата на конструкцијата. Секако, во тие пресметки треба да се влезе со што е можно попрецизни претпоставки за квалитетот на материјалите кои треба да произлезат од испитувањата што мора претходно да се направат. Дури потоа може да се каже – сега треба да се продолжи со ова или со она, вели инженерот.

Оценува дека постои можност за оштетување на продолжените кабли во главните носачи.

-Не оштетени како челик, туку оштетени во однос на нивната носивост. Ако челикот се прегрее, ги губи карактеристиките што ги има, вклучувајќи ја и силата во него, со што се намалува сигурноста на мостот до некоја мера и се менува напрегањето во конструкцијата, појаснува Њагуљ.

Во однос на проблемот со сообраќајот кој настана по затворањето на мостот, тој посочува дека има решение, но додава дека е тешко изводливо.

-Мое лично мислење е дека некој вид на контролиран пешачки сообраќај можеби може да се дозволи. Но, врз основа на моето искуство при вакви слични случаи, сметам дека дозволувањето на некаков редуциран патнички сообраќај со себе носи одреден ризик. На крај да заклучам. Според мене мора да се направат сите потребни истражувања и пресметки пред да се донесе било каква одлука. Мостот може да има и доволна сигурност според некои критериуми, но тоа може да биде тема за дискусија дури откако ќе се направат испитувањата, порачува инженерот Њагуљ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK