Охридските матуранти и оваа година беа дел од убавата традиција полнолетството да го прослават со танц што истовремено се одржува во неколку градови во земјата и во градови во Словенија, Србија, Словачка, Црна Гора и Унгарија.
Нив ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков, укажувајќи им дека соништата се денешните одговори на утрешните прашања.
– Верувам дека со вашата младост, позитивна енергија и стекнатите знаења ќе напредувате на вистинскиот пат, ќе напредувате на сите полиња и ќе бидете гордост за вашите родители и сите нас, рече тој.
Пецаков посочи дека успехот во животот доаѓа со јасни планови, силна желба и постојана упорност.
– Секогаш имајте нескротлива волја за нови знаења и мотив да ги истакнете личните квалитети. Верувам дека од вашата генерација ќе произлезат многу успешни професионалци кои ќе дадат огромен придонес во идниот развој на Охрид, рече Пецаков.
Првата Матурска парада се одржа во 2001 година во Словенија, како идеја на Томаж Амброж од Танцовата школа „Уршка“ во Љубљана.