Објавена „Чија си“ – авторизирана биографија на Славе Димитров од Максим Ристески


slave-dimitrov_lamina-blog_860x620.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Животната и музичка приказна на Славе Димитров, еден од клучните творци на златната ера на македонската забавна музика, е во фокусот на новата книга „Чија си“ од Максим Ристески.


Инспирирана од животот и од творештвото на еден од најзначајните македонски композитори, пејачи, аранжери и музички продуценти, книгата раскажува за уметничката посветеност, за вербата во музиката и за потрагата по вистинскиот тон во време што често ѝ дава предност на бучавата.

„Ова не е само биографија, туку и хроника на едно време, раскажана низ животниот пат на човекот чии песни оставија траен белег во македонската музичка култура. Од Битолско Генимале до позиција на еден од клучните творци на златната ера на македонската забавна музика, Славе Димитров градел препознатлив музички израз, воден од вербата во убавината на чистата и едноставна мелодија.

Книгата излегува во годината кога се одбележуваат 80-тиот роденден на Славе Димитров (р. 1 јуни 1946, во Битола), и шест децении од почетокот на неговото творештво. Воедно, годинава се навршуваат 55 години од првото јавно изведување на неговиот безвременски хит „Чија си“, што беше прогласен за песна на минатиот милениум.

Структурирана хронолошки, книгата ги следи испреплетените патишта на животот и на музиката на Димитров. Личните искуства, творечките предизвици и песните што го обележале неговиот опус се поврзуваат во приказна за уметникот зад мелодиите што со децении живеат во колективната меморија. Преку авторизираниот биографски запис, Максим Ристески го осветлува и она што музиката не го кажува директно – човекот зад песните и патот по кој тие стигнале до публиката“, пишува издавачот.

Насловот на книгата е преземен од антологиската песна „Чија си“, еден од најголемите хитови на Славе Димитров. Нејзината приказна започнува во 1969 година во Битола, кога Димитров ја компонирал музиката. Песната првпат била јавно изведена на Фестивалот на забавни мелодии „Скопје 71“, во две верзии – во вокална интерпретација на Славе Димитров и на Крунослав Киќо Слабинац. Освоила втора награда од публиката, а со текот на годините прераснала во безвременска музичка класика.

Авторот Максим Ристески (1973) повеќе од 30 години се занимава со пишување како новинар, копирајтер, текстописец и сценарист. Бил музичар, а се занимава и со ликовна уметност. Автор е на книгите „Пештера“ (роман, „Или-или“, Скопје 2022), „Нешто трето“ (раскази, „Или-или“, Скопје 2025) и „Ништо“ (роман, Biblos Books, Белград 2025).

Авторизираната биографија деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и веќе е достапна во книжарниците.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK