– Ако не бидат донесени уставните измени, тоа би ја однело земјата во изолација и може да резултира Северна Македонија да не се интегрира во ЕУ уште многу децении, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи. Опозицијата, пак, останува на ставот дека во овој пратенички состав, Собранието нема мандат, ниту демократски легитимитет да отвори или менува Устав.
– План Б е да не се донесат уставните измени. Ова би ја однела земјата во долга изолација бидејќи во ноември ќе бидат прекинати преговорите за нас, а ќе продолжат за Албанија. Во меѓувреме се создаде побрз пат за членство во ЕУ, главно поради Украина, но и малку да го поттикне дијалогот Србија-Косово, рече Османи за ТВ Клан.
Според Османи, опозицијата нема да може да аргументира пред граѓаните зошто ја блокира европската иднина на земјата, бидејќи, како што вели, за да се донесе таква одлука, треба да има сериозни аргументи.
Што се однесува на меѓународните претставници во овој процес, Османи вели дека важните одлуки за судбината на земјата не треба да се прават под меѓународен притисок, бидејќи според него, земјата и домашните политичари се доволно зрели да ја разберат важноста на одлуките што ги донесуваат.
– Секако дека меѓународната заедница помогнала во комуникацијата, во претставувањето на различни сценарија, во зависност од нашите одлуки, но потсетувам дека по почетокот на јавната расправа и граѓаните јасно ќе разберат за што се работи со овие уставни измени, рече Османи.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, пак, вчера по средбата со специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин повтори дека ставот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери е единствен и значи дека во овој пратенички состав, Собранието нема мандат, ниту демократски легитимитет да отвори или менува Устав без да има потврда за тоа и понуда на решение на избори.
-Втората тема која што отворивме е дека е болен парадокс во време кога се разговара на политички теми поврзани со Европската Унија, истовремено во истата соба да имате седница на Комисијата за европски прашања каде се употребува европското знаменце за да се покрие досега можеби највисоката корупција на тајниот документ којшто го потпишале Артан Груби и Димитар Ковачевски за таканаречените делови од коридори. Друго што беше споменато е дека ги споделивме бројките кои велат дека 85 проценти од македонскиот народ е против ваквото наметнато уценување и барање за промена на Уставот, рече Милошоски.
Посочи дека на Сарацин му предочиле оти сериозни невладини граѓански организации што се занимаваат со европските интеграции подолго време укажуваат на тоа дека според нивната проценка ова нема да биде ниту прво, ниту последно барање од страна на Бугарија и затоа треба претпазливо да се пристапи кон оваа преземена одлука за да не се соочиме со втора, трета или четврта блокада.
Сарацин завчера се сретна со претседателот Стево Пендаровски, при што Пендаровски изразил очекување за натамошна силна поддршка од германските власти во пристапувањето на земјава кон ЕУ, посочувајќи дека забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион.
Оствари средба и со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој го информирал за досегашните чекори во насока на исполнување на обврската за уставните измени.
Во вторникот, Сарацин оствари средба и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој уште еднаш го афирмирал ставот на партијата во однос на евроинтегративниот процес и започнувањето на преговорите, додавајќи дека граѓаните на Македонија час поскоро треба да бидат дел од ЕУ, но процесот да се води исклучиво на европски процеси и принципи, а не на уцени и закани од соседна Бугарија.
За евроинтеграциите на државата, премиерот Димитар Ковачевски, во Рејкјавик каде учествуваше на Самитот на Советот на Европа, разговарал со високи европски претставници.
Ковачевски на Фејсбук објави дека имал срдечна средба со Шарл Мишел, како што наведува „голем пријател и поддржувач во нашата стратешка определба за полноправното членство на Северна Македонија во Европската Унија“.
– Нашите меѓународни партнери и поддржувачи го препознаваат напредокот на нашата држава. Во Северна Македонија гледаат сериозен партнер кој се залага за демократија, слобода, мир и негување добрососедски односи. Европска перспектива на нашата земја е неповратен процес во кој имаме поддршка од нашите европски пријатели, напиша Ковачевски.
За средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, пак, истакнува дека го споделиле оптимизмот за што побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија и за брз реформски процес. – Во наш интерес е влијателни лидери како што е францускиот претседател да ни бидат поддршка на нашиот пат кон ЕУ, вели Ковачевски.
Ковачевски оствари куса средба и со претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен, на која и се заблагодарил за поддршката на европскиот пат на државата.
Владини извори во понеделникот брифираа дека ако не се донесат уставните измени земјата ќе влезе во изолација и во група на држави без долгорочна перспектива.
Варијантата А, велат владини извори, е завршување на уставните измени и продолжување – отворање на првото Поглавје, а варијанта Б е прекинување на преговорите, Албанија да ги продолжи преговорите, а земјава да влезе во една декада на изолација и да ја пропушти шансата, имајќи ја предвид новата геополитичка состојба пред се заради Украина.
Во однос на тековниот скрининг процес за усогласување на ЕУ-законодавството, владини извори информираат дека се завршени објаснувачките скринизи за четири кластери, процесот е на половина, останува уште да ги слушнеме во објаснувачкиот дел новините во законодавството на ЕУ во два кластери – Кластер 5 – Ресурси земјоделство и кохезија и Надворешни односи и очекувањата на Владата се тоа да се заврши до есен.
Сумирајќи ја посетата на владината делегација на САД, владини извори брифираа дека Вашингтон директно и порачал на опозицијата да го поддржи европскиот пат на државата, да поддржи уставни измени и да не блокира закони од клучно значење за државата.
Во САД, посочуваат извори од Владата, добивме недвосмислена и силна поддршка за продолжување на европскиот пат на државата, што значи спроведување на уставните измени, односно усвојување на амандманите и продолжување на преговорите како што се пропишани согласно Преговарачката рамка.
САД преку своите високи функционери ја нагласуваат поддршката што ја имаме за продолжување на европскиот пат, како и нивната недвосмислена поддршка за носење на овие одлуки коишто се потребни во нашето Собрание и таа порака беше директна и до опозицијата – идеолошките разлики не можат да бидат пречка за напредок на државата и за носењето на одлуките што се важни за граѓаните, а не за политичките партии, а најмалку пак за нивните лидери бидејќи лична кариера на некого е многу помалку важна од иднината на државата, дополнуваат владини извори.
Оттаму додаваат дека евроинтеграцискиот процес е неповратен процес којшто е започнат и не може некој да го врати назад, ниту да го однесе во друга насока.
Во меѓувреме, Работната група за подготвување на предлог-иницијатива за потребата од уставни измени, до петок треба да го изгласа деловникот за работа, најавија по состанокот одржан минатата недела.
Претседателката на работната група поранешна судијка Маргарита Цаца Николовска, во однос на изјавите од Влада дека до крајот на мај очекуваат да биде познат текстот на уставните амандмани, рече дека не би шпекулирала со време.
-Комисијата е составена од 23 членови, секој ќе сака нешто да каже, има право нормално. Сето тоа треба да се разгледува, да се сумира и во зависност од сето тоа ќе оди драфтирање на предлог нацрт амандманите, изјави Цаца Николовска.
Работната група за подготовка на предлог иницијативата за потребата од уставни измени, за внесување на Бугарите, заедно со другите етнички заедници во Уставот, што пак е услов за отворење на кластерите во процесот на преговори со Европската Унија, ја сочинуваат 23 членови од кои десет се од редот на експертите, десет се предлози на политички партии и тројца се членови од институции.