Медицински екипи на Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид денеска на Градскиот плоштад вршеа бесплатни ЕКГ-прегледи, мерење крвен притисок и раздаваа едукативен материјал на граѓани, сето во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на хипертензијата 17 мај.
Настанот е органзиран во насока на подигање на свесноста кај граѓаните на Охрид за важноста од контролата на крвниот притисок како еден од најзначајните ризик фактори кои го засегаат човековото здравје.
Директорката на Заводот „Свети Стефан“, Елена Коваческа-Башуроска, пред медиумите ја истакна важноста од укажувањето на ризиците што ги носи хипертензијата, важноста од превенцијата, нејзиното рано детектирање и соодветен третман.
– Во нашата установа бележиме намалување на старосната граница на пациенти кои доаѓаат со и поради хипертензија. Се уште официјални статистички податоци за државата и регионот нема, но она што секојдневно го бележиме е се повеќе млади пациенти со покачен крвен притисок, рече таа.
Како главни причини таа укажа на нездравата исхрана, нерегулирана телесна тежина, физичката неактивност, пушењето…
– Важноста на превентивните прегледи е клучна во откривањето на пациентите со хипертензија, рано започнување со терапија како би е минимизирале последиците на почкачениот притосок врз здравјето на луѓето, истакна таа.
Податоците за оваа болест покажуваат дека дури и во земјите со најразвиени здравствени системи третманот е субоптимален. Покачениот крвен притисок доведува до оштетување на низа органи и органски системи ( срце и крвни садови, мозочен удар, бубрези…) и е виновник на огромен број смртни случаи кои е возможно да се превенираат. Токму во таа насока и денешниот настан во Охрид, да се укаже на потребата за редовно контролирање и третман на оваа болест.