Германската авиокомпанија Луфтханза планира да вработи уште 8.000 луѓе оваа година, соопшти денеска групацијата.
Авиокомпанијата бара техничари, ИТ експерти, пилоти и адвокати за различни локации, а веќе вработија 6.000 нови луѓе оваа година, јави ДПА.
Повеќето од нив се дополнителни работни места, објасни портпаролот. Тој не кажа колку поранешни вработени во Луфтханза ќе ја напуштат компанијата за возврат.
За време на пандемијата на Ковид-19, компанијата укина речиси 40.000 работни места на глобално ниво и неодамна повторно отвори нови работни места за да се справи со зголемувањето на воздушниот сообраќај.
Според годишниот извештај, на крајот на март во една од компаниите на Луфтханза беа вработени околу 112.400 луѓе.