13 мај 2023
1607.- Капетан Џон Смит со група војници пристигнал во Вирџинија и тоа место го нарекол Џејмстаун, каде што е основана првата постојана британска населба во Новиот Свет.
1792.- Роден е италијанскиот свештеник Џовани Марија Мастаи Ферети, од 1846 папа Пие Деветти. Неговиот понтификат траел 31 година и 236 денови, најдолго во историјата на Римокатоличката црква. Тој во 1870 година прогласил догма за папската непрогресивност.
1795.- Во Кабеларево е роден Павел Јозеф Шафарик, словачки филолог и историчар, еден од најпознатите чешки и словачки народни преродбеници. Неговото дело е од големо значење за словенските народи. Меѓу другото, ги објави и житијата на словенските просветители Кирил и Методиј. Умрел во Прага, на 26 јуни 1861 година.
1809.- Трупите на францускиот цар Наполеон Први влегле во Виена.
1840.- Во Ним е роден Алфонс Доде, француски писател. Неговата трилогија „Тартарен Тарасконецот“, „Тартаренско пристаниште“ и „Тартарен на Алпите“ претставуваат ремек-дело на француската хумористична проза.
1842.- Роден е Артур Саливен, познат британски композитор и диригент. Тој бил основач на англиската оперета. Умрел на 22 ноември 1900 година.
1846.- Соединетите Американски Држави му објавиле војна на Мексико, која траела две години. Откако го поделиле Мексико, САД ги присвоиле Калифорнија и Ново Мексико, Тексас, Аризона и ги присоединиле кон својата конфедерација.
1858.- Почна Граховската битка меѓу Црногорците и Турците. Во осумдневната борба Црногорците ја победиле посилната турска војска, при што дошло до проширување на Црна Гора и до разграничување со Турција.
1871.- Во Италија бил донесен закон со кој на Светата столица и се дозволило да има седиште во Ватикан.
1882.- Роден е Жорж Брак, француски сликар, еден од основачите и главен претставник на кубизмот. Најмногу работел мртва природа, пејзажи и актови. Тој извршил големо влијание врз современото европско сликарство. Умрел во Париз, на 4 септември 1963 година.
1888.- Во Бразил било укинато ропството.
1901.- Македонскиот драматург Војдан Чернодрински ја формирал првата македонска театарска група „Скрб и утеха“.
1930.- Во Осло умрел Фритјоф Нансен, норвешки поларен истражувач, зоолог и хуманист. Во Првата светска војна се занимавал со прашањето за заштита на воените заробеници и на националните малцинства. Во 1922 година ја добил Нобеловата награда за мир за својата сеопфатна дејност во полза на беспомошните.
1949.- Во борба против грчката владина војска загина Тина Андреева – Цвета, македонска хероина на Вичо и Грамос. Таа е меѓу најистакнатите македонски жени – борци на ДАГ, кои храбро се бореле за слобода на македонскиот народ. Псевдонимот „Цвета“ го добила врз основа на толкувањето на ликот на Цвета во претставата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински, која за првпат била изведена во селото Емборе, Кајларско, во 1944 година.
1961.- Преку ТВ Белград била емитувана првата емисија на ТВ-студио Скопје, наречена „Балкански концерт“ која ја извеле првенците на Балетот при Македонскиот народен театар Елпида Пакоска и Јован Пашти.
1965.- Во Белград умрел Ристо Лозаноски, македонски академски сликар. Неговиот опус што го создаде за неполни 15 години од неговиот творечки живот, изнесува 150 слики, цртежи и графики. Роден бил во селото Големо Илино, Кичевско, на 5 март 1923 година.
1965.- Израел и Западна Германија одлучија да воспостават дипломатски односи. По одлуката повеќе арапски држави ги прекинаа односите со Бон.
1981.- Турскиот терорист Мехмед Али Агџа во Рим пукал врз папата Јован Павле Втори и го повредил во стомакот и раката.
1999.- Перу и Еквадор потпишале документ за разграничување, завршувајќи го шестдеценискиот спор поради кој двете латиноамерикански земји трипати војувале.
2004.- Во Индија завршиле маратонските парламентарни избори кои траеле повеќе од еден месец на кои по осум години во опозиција победила Конгресната партија на Соња Ганди.
2013.- По долго и тешко боледување починал Иво Лауренчиќ, легенда на македонскиот и регионалниот маркетинг, претседател и креативен директор на рекламната агенција „Идеја плус“. Во својата кариера Лауренчиќ создал над 300 комуникациски проекти и над 400 видеоформи во филмската и креативната индустрија. Повеќето негови дела добија антологиски карактер и денес се пример за врвни достигнувања. Во Македонија дошол пред 20 години. Тука ја развил маркетинг-агенцијата „Идеја плус“. Лауренчиќ го осмислил и реализирал серијалот од 1.060 емисии „Говорете македонски“ за Македонската телевизија. Бил и креатор и реализатор на кампањата за промоција и зачувување на македонското кирилично писмо „Додека пишувам на кирилица – постојам“ која доби прва награда на фестивалот ФЕСТО во Хрватска.
2016.- Во 88 година од животот, почина истакнатиот општественик и раководител во повеќе високи државни институции Драгољуб Николовски – Ганди. Бил дипломиран историчар на Филозофскиот факултет во Скопје. Ганди ќе биде запаметен како исклучително значајна личност за развојот на образовно-научната дејност во Македонија. Посебен придонес има за развојот на археолошкиот локалитет Стоби и во поддршка на проекти од образованието, науката и културата, како и поддршка на странски стипендии и проекти во Македонија. Во македонската современа историја, тој ќе остане забележан како една од личностите-темелници на образовно-научната дејност во Македонија во текот на втората половина на 20 век.