Во СВР Скопје денеска и вчера се евидентирани неколку пријави за закани со пиштол и со остар предмет.
Во редовниот Билтен на Министерството за внатрешни работи се наведува дека дваесет и тригодишниот Д.Ч. од Берово денеска пријавил дека на средно Водно, додека бил со негова другарка, бил физички нападнат од неколку лица, од кои едно од нив го удрило со пиштол.
Според полицискиот Билтен, вчера во 18 часот, К.К., на возраст од 40 години, пријавил дека околу 16 часот на паркинг простор на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, по претходна расправија, едно лице му се заканувало со пиштол. Во врска со настанот во полициска станица бил извршен службен разговор со едно лице. Во 15 часот во СВР Скопје, Е.С., на возраст од 73 години, од Скопје пријавил дека на 28 април на подрачје на Бит Пазар бил физички нападнат од Д.Н., кој му се заканил и со остар предмет. Во 12.20 часот вчера, В.Т., на возраст од 39 години, од Скопје пријавила дека на 3 мај околу 07.40 часот на подрачјето на Кисела Вода, по претходно недоразбирање во сообраќајот, едно лице со остар предмет и се заканувало на неа и на уште едно лице, се наведува во соопштението на МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случаите.