– Со убедливата победа 4:0 над Борец од Велес, фудбалскиот второлигаш Гостивар обезбеди влез во Првата македонска фудбалска лига.
Гостиварци ја остварија 22-та победа и се покажаа како цврст противник без ниту еден пораз во првенството. Освоените бодови на едно коло пред крај на годинешната натпреварувачка сезона му се доволни на ФК Гостивар од наесен да настапи во елитното фудбалско друштво.
Како домаќини, гостиварци беа фаворити и единствено се очекуваше со колку разлика ќе го победат Борец. Попладнево, на градскиот стадион во Гостивар капитенот Калановски ја потврди голгетерската улога и погоди на два пати (сезонава постигна вкупно 24голови), а по еден Крстевски и Зука. Победата на гостиварци ќе беше поубедлива доколку Каланоски погодеше во неколкуте шанси за гол и ќе беше најдобар стрелец во лигата.
Од управата на ФК Гостивар кажаа дека ги исполнија плановите, со што по речиси десет години, навивачите ќе гледаат прволигашки фудбал на брегот на Вардар. По завршувањето на натпреварот, навивачката група „Кастриоти“ заедно со останата публика и играчите го прославија влезот во прволигашкото друштво.