Галант: Можен е долготраен судир со Палестинците

galant
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека градоначалниците и лидерите на заедниците во јужен Израел треба да се подготват за секакво сценарио, вклучително и долготраен судир по синоќешните воздушни напади врз Појасот Газа.

– Многу е важно граѓаните под ваше раководство да бидат дисциплинирани, внимателни и да слушаат инструкции за да спасат животи. ИДФ (Израелски одбранбени сили) и безбедносните сили се подготвени со сите средства и на сите фронтови, истакна Галант и вети помош и поддршка.


Во синоќешните израелски воздушни напади убиени се тројца команданти на Исламски џихад.

Според палестински здравствени претставници синоќа загинале вкупно 13 лица, меѓу кои командантите, нивните сопруги и неколку нивни деца.

Израелската армија соопшти дека убила тројца високи претставници на военото крило на радикалната палестинска група, Бригадите Ал Кудс (арапско име за Ерусалим). Станува збор за Џихад Ганам, секретар на воениот совет на бригадите Ал-Кудс, командантот на военото крило на Исламски џихад во северниот дел на крајбрежната енклава и член на воениот совет Калил ал Бахтани, како и Тарек Езедин, кој беше одговорен за координацијата меѓу бригадите Ал-Кудс во Појасот Газа и окупираниот Западен Брег. Според израелската армија, тројцата се одговорни за неодамнешната ракетна стрелба врз земјата.

Руската дипломатска мисија во Рамалах, Западен Брег, соопшти дека помеѓу загинатите еден е руски државјанин, забар, а загинале и неговата сопруга и син.

Поради страв од одмазднички напади Израелската цивилна заштита денеска нареди затворање на училиштата, плажите и автопатишта во јужниот дел на Израел, ги ограничи јавните собири, а на граѓаните во подрачје до 40 километри од Појасот Газа им се препорачува да бидат во близина на засолништата.

Претставникот на Исламски џихад, Дауд Шахаб најави заеднички палестински одговор на нападите.

Така наречената Заедничка командна соба, составена од различни екстремистички организации во Појасот Газа, се закани дека Израел „ќе ја плати цената“ за воздушните напади и дека земјата сноси целосна одговорност за, како што го опиша како „кукавичко злосторство“.

Палестинскиот премиер Мухамед Штаје, јорданското Министерство за надворешни работи и египетската влада, која често посредува меѓу Израел и палестинските екстремистички организации во Појасот Газа, ги осудија израелските воздушни напади.

Исламски џихад е втората највлијателна вооружена група во Појасот Газа по исламистичкото движење Хамас, кое ја контролира енклавата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK