Албанскиот претседател Бајрам Бегај денеска прими делегација на Советот на американските амбасадори, предводена од претседателот, амбасадорот Тимоти А. Чорба.
Делегацијата на поранешни високи американски дипломати е во посета на Албанија како дел од регионалната турнеја, во чии рамки ќе ги посети Република Македонија и Косово.
– Откако ги оцени одличните односи и стратешкото партнерство со САД и изрази благодарност за она што го направија за независноста на Албанија и Косово, претседателот Бегај ги запозна поранешните американски дипломати со реформите и чекорите преземени за консолидација на демократските институции и владеењето на правото, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.
Бегај особено се фокусирал на придонесот на Албанија за мирот, стабилноста и градењето дух на добрососедството во регионот.
Посебно ја нагласи поддршката што Албанија ја дава на дијалогот меѓу Косово и Србија, како „единствена алтернатива за постигнување меѓународно обврзувачки договори, фокусирани на нивното меѓусебно признавање“.
Во однос на евроинтегративниот процес, претседателот Бегај подвлече дека по членството во НАТО, членството во Европска Унија останува најголем стратешки приоритет на Албанија и на Албанците.
– Посебно внимание беше посветено на случувањата во Украина, како и улогата на придонесот на Албанија во Советот за безбедност на Обединетите нации, во осудата на руската агресија и во одбраната на принципите на Повелбата на ОН и светскиот поредок, се додава во соопштението.
Претседателот Бегај ја поздрави и соработката на Советот на американските амбасадори со неговиот партнер во Албанија, Советот на албански амбасадори на чело со претседателот на овој совет, Бесник Мустафај.