ИНРЕКОМ: Македонскиот јазик најзастапен на филмските, документарните и забавно-колажните канали, на само два детски и на ниту еден спортски и информативен

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонскиот јазик е најмногу застапен на филмските, потоа на документарните и на забавно-колажните канали, кај само два детски канала, додека пак воопшто не може да се слушне на спортските или информативни канали. Со ова, македонските гледачи имаат ускратено право да го уживаат својот мајчин јазик кај одредени ТВ канали снаоѓајќи се со алтернативни преводи кои им се разбирливи, најчесто на српски или хрватски јазик, нешто што не претставува заштита и негување на македонскиот јазик, покажува истражувањето на Институтот за развој на електронски комуникации (ИНРЕКОМ).

Во истражувањето насловено Македонскиот јазик во медиумските услуги испитувано е дали македонскиот јазик е доволно застапен на странските телевизиски канали и платформи за да биде заштитен.


-Најчесто оправдување од страна на каналите е фактот што Република Македонија е пазар со околу 1 милион и 800 илјади жители според последниот попис од 2021 година и нешто над 2 милиони гледачи што го говорат македонскиот јазик на територија на Балканот, претежно во поранешните југословенски земји. Поради овие параметри, оправданието
лежи во наводната неисплатливост за превод односно локализација, иако бројките се речиси идентични со Словенија и словенечкиот јазик, се наведува во истражувањето. Оправдание се бара и во фактот што сите екс-ЈУ републики го разбираат српскиот јазик.

Понатаму се наведува дека најголем проблем, сепак претставуваат спортските канали, кои и покрај тоа што купуваат права за спортски настани и не дозволуваат на македонските ТВ куќи да обезбедат преноси поради своите финансиски конструкции, не нудат можност за македонско аудио. Ваквото прашање, се вели во истражувањето, се нашло и на владина седница, но препораката од страна Владата, за жал не вродила со плод и не ја видела светлината на денот, со што спортските канали, не проговорија на македонски јазик.

Од друга страна, каналите за деца, не ги синхронизираат своите програми, па така, децата во првите години од својот живот, учат да зборуваат на српски или хрватски јазик или на изворниот јазик на каналот – најчесто англиски, но не и на македонски. -Исто како и во другите случаи, ова претставува потфрлање во должноста на властите да го зачуваат македонскиот литературен јазик во време кога истиот од една страна е негиран, а од друга страна е под постојан напад на странски изрази што младата популација ги употребува, велат истражувачите.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека речиси половина од испитаниците, односно 48,9 отсто одвојуваат од два до четири часа дневно за гладање телевизија, еден час одвојуваат 34,3 отсто, а на третото место се испитаниците кои пред својот телевизиски приемник седат од четири до шест часа во текот на денот.

На прашањето дали странските телевизиски канали што ги гледаат најчесто имаат превод на македонски јазик, добиените одговори покажуваат дека речиси две-третини од каналите, односно 69,4 отсто имаат превод, наспроти нецела третина или 30,2 проценти кои не обезбедиле соодветен титл или синхронизација.

На нешто повеќе од половина од испитаниците, односно на 57,2 проценти им пречи тоа што каналите што ги следат немаат превод на македонски јазик, наспроти 41, 2 отсто, кои одговориле дека немаат проблем каналите да бидат без превод или да се со превод на друг јазик.

На прашањето дали корисникот би го заменил постојниот оператор хипотетички доколку истиот не нуди превод на каналите со некој друг оператор што би понудил превод на истите тие канали 40,4 отсто од испитаниците одговориле со „Не“,
наспроти 31,9 отсто, кои би го замениле операторот, а 12 проценти се неодлучни, додека 15,7 отсто од испитаниците немаат одговор односно не знаат како би постапиле во таков случај.

На прашањето да дадат оценка на скала од 1 до 5 во однос на тоа дали се согласуваат дека државните институции треба да изнајдат заштитни механизми со цел воведување на македонски превод на странските канали, две третини, односно 75,6 отсто се согласуваат државата да изнајде решенија за воведување на македонскиот јазик на странските канали што го немаат. Наспроти нив 14,9 отсто одговориле дека не се согласуваат со таквата потреба.

ИНРЕКОМ изнесува и неколку препораки за тоа како да се заштити и промовира македонскиот литературен јазик на странските телевизии кои се реемитуваат во земјава, а едната од нив е субвенционирање на преводот на програмата. Предложен е модел на субвенционирање од буџетот на Министерството за култура или комбинирано
од буџетите на министерствата за култура, за информатичко општество, како и од буџетот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Преку ова решение трошокот за локализација ќе го сносат државата и издавачот на
каналите, во одреден временскиот период, кој би бил максимално до пет години, со тоа што првата година да
изнесува 50 отсто од реалните трошоци за превод, втората година 40 отсто, третата 30 отсто, четвртата 20 отсто, а петтата 10 проценти. Дополнително, за да се осигура континуитетот во локализирањето односно преведувањето на програмите,
предлагаат каналите да бидат договорно обврзани да продолжат со превод уште дополнителни пет години.

Другата препорака е основање на јавно претпријатие за превод на македонски јазик, од страна на Владата, под „капата“ на Министерството за култура, а со кое странските канали би биле законски должни да склучат договор за локализирање на
најмалку 50 отсто од програмата, која се реемитува, доколку немаат такви договори со други приватни фирми. Ваквото претпријатие препорачуваат да се финансира комбинирано делумно од државниот буџет, а делумно од страна на странските канали заради услугите. Ова државно претпријатие би имало задача, освен да понуди пишан превод – титл, да обезбеди и синхронизација за детски серии и цртани филмови, како и спортски коментатори на македонски јазик.

Третиот модел е основање на приватно претпријатие за превод на македонски јазик, сличен на претходниот, со таа разлика што основач на приватното претпријатие ќе бидат сите регистрирани оператори кои нудат телевизиски услуги. Како и во случајот со државното претпријатие, и овој нов приватен правен субјект ќе има задача да склучува договор со издавачите и застапниците на правата на каналите, кои пак ќе бидат законски обврзани да се договорат за најмалку 50 отсто од програмата да биде преведена, доколку немаат договорено преводи со други преведувачки куќи. Финансирањето би било од комбиниран модел од услугите што ќе ги наплати од странските канали и од самите оператори. Финансирањето од операторите би претставувало дел од месечните сметки на претплатниците, па така секој корисник би добил симболични 50 денари покачена сметка, средства што би оделе во посебната каса на приватното претпријатие за превод.

Меѓу препораките, како четврт модел е предложено отворање на преставништа во земјава. Тоа подразбира отпочнување на заеднички дијалог на операторите и државните институции со телевизиските групации на канали. Крајна цел на ова би било отворање на македонски локализирани верзии на каналите со претставништво во Македонија и можност за полноправно учество во маркетинг пазарот. Ваков пример, наведуваат од ИНРЕКОМ постои во другите земји, односно Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија. Преку пазарно учество во маркетинг сегментот каналите би можеле сами да ги обезбедат финансиските средства за работа и би се отвориле повеќе работни можности за македонските граѓани. Ова решение е најприменливо кога се во прашање спортските канали.

Институтот потсетува дека во земјава постојат над 30 оператори на јавни електронски комуникациски мрежи, кои имаат дозвола да реемитуваат над 300 странски телевизиски канали, кои имаат обезбедено права на нашата територија. Некои од тие канали се дел од пан-национални групации и емитуваат програми на регионално ниво и истите ги имаат преведено на локалните јазици, како на пример: српски, хрватски, словенечки, албански, но и на македонски јазик.

Нашата регулатива во однос на правото на реемитување е регулирана првенствено со Законот за аудио и аудиовизуелни
медиумски услуги, наведува Институтот и додава дека меѓу другото во него е пропишано и прашањето за превод на каналите во членот 64 ставот 2. -Доколку програмските сервиси што се реемитуваат преку јавни електронски комуникациски мрежи се титлувани на јазик различен од јазикот на кој оригинално се произведени, мора да бидат титлувани на македонски јазик, или на јазикот на заедницата која не е во мнозинство, а го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Северна Македонија, освен телешопингот и рекламите, гласи членот.

Освен паралела на состојбата со преводот на македонски јазик со другите јазици од поранешна Југославија, на странските канали кои се емитуваат на т.н. Адриа регион, Институтот дополнително, за потребите на ова истражување спровел CAWI испитување со помош на онлајн панел, на случаен репрезентативен примерок од 1.000 испитаници во период од 13.03. до 24.03.2023 година, со маргинална грешка од +/- 3,5 отсто и ниво на доверба од 90 отсто. Примерокот, додаваат од таму е репрезентативен според карактеристиките: пол, возраст, етничка припадност, регион и населено место (општина, урбано/рурално), според официјалните статистички податоци од пописот на резидентното населението во земјава од 2021 според Државниот завод за статистика.

Истражувањето се задржува на македонскиот јазик, албанскиот јазик како јазик кој го зборуваат најмалку 20 отсто од етничките заедници во државата и воедно кој е дозволен согласно законот, како и јазиците од поранешната Југославија српскиот кој е најзастапен говорно на просторот на поранешна Југославија, хрватскиот кој е разбирлив за поголемиот дел од граѓаните на земјава, како и словенечкиот кој го говорат околу два милиони луѓе, слично како и македонскиот, а воедно и бидејќи е пазар сличен по бројот како македонскиот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK