Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 160 возачи.
Од нив пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 81 возило ја пречекорило брзината во населено место, а 79 надвор од населено место.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.