Познато е кои земји ќе учествуваат на „Евровизија“, Македонија се враќа по четири години пауза


tamara-na-evrovizija-screenshot-2026-10-28-161220.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На 71. издание на Евровизија, кое во мај 2027 година ќе се одржи во бугарскиот град Бургас, ќе се натпреваруваат 36 земји. Официјално е потврдена листата на учесници, а натпреварот ќе се одржи во арената „Бургас“. Полуфиналните вечери се закажани за 11 и 13 мај, додека големото финале ќе се одржи на 15 мај. Домаќин на натпреварот ќе биде бугарската јавна телевизија БНТ.


Потврдено е учеството на 36 земји: Албанија, Ерменија, Австралија, Австрија, Азербејџан, Белгија, Бугарија, Канада, Хрватска, Кипар, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Грција, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Сан Марино, Србија, Шведска, Швајцарија, Украина и Обединетото Кралство.

Канадската јавна телевизија CBC/Radio-Canada првпат ќе учествува на Евровизија, откако во јули 2026 година стана полноправна членка на Европската радиодифузна унија (ЕБУ).

На натпреварот се враќа и Македонија, по четиригодишно отсуство. Последното македонско учество беше во 2022 година.

Шпанија и Словенија сè уште не го потврдиле своето учество. ЕБУ, поради сложеноста на ситуацијата, им го продолжила рокот за донесување одлука на нивните јавни телевизии, РТВЕ и РТВСЛО, до декември.

Во двете полуфинални вечери ќе настапат вкупно 31 земја. Првото полуфинале ќе се одржи во вторник, на 11 мај, а второто во четврток, на 13 мај.

Врз основа на гласовите на жирито и публиката, од секое полуфинале во финалето ќе се пласираат по десет песни.

На овие 20 земји во финалето ќе им се придружат претставниците на Бугарија, како земја домаќин, како и Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство, кои имаат обезбеден директен пласман во финалето.

Големото финале ќе се одржи во сабота, на 15 мај, а ждрепката со која ќе се одреди распоредот на земјите по полуфиналните вечери ќе се одржи во јануари 2027 година во Бургас.

Продажбата на билети за вкупно девет програми, вклучувајќи ги трите натпреварувачки вечери и шесте проби отворени за публика, ќе започне на почетокот на 2027 година.

Сите што сакаат да купат билети ќе мора претходно да се регистрираат на Eurofan, официјалната бесплатна програма за членство на обожавателите на Евровизија.

Деталите за продажбата ќе бидат објавени на официјалната интернет-страница на натпреварот.

Повеќе информации за изгледот на сцената, водителите и придружните настани во Бургас ќе бидат познати во текот на следните месеци.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK