Жените во перименопауза добиваат стручна поддршка во новото советувалиште на ХЕРА


et5a8812.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Жените кои минуваат низ перименопауза ќе можат да добијат стручни информации, советување и индивидуални насоки за грижата за своето здравје во новото Советувалиште за перименопауза на ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, кое денеска официјално се отвора во Младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно. Преку разговор со гинеколог и матичен лекар, жените ќе можат да добијат проценка на своите симптоми и потреби, како и информации за можностите за понатамошна грижа.


Перименопаузата е природен период на премин кон менопаузата, но искуството на секоја жена е различно. Според Светската здравствена организација (СЗО), овој период може да трае неколку години и да влијае врз физичката, емоционалната, менталната и социјалната благосостојба. Пристапот до проверени информации и стручна грижа им помага на жените подобро да ги разберат промените низ кои минуваат и да донесуваат информирани одлуки за своето здравје.

„Грижата за здравјето на жените треба да ги следи нивните потреби во секоја животна фаза. Перименопаузата е период во кој на многу жени им се потребни повеќе информации, разбирање и стручни насоки, а нивните прашања и искуства не секогаш добиваат доволно внимание. Со отворањето на Советувалиштето за перименопауза, сакаме да овозможиме пристап до стручна грижа и простор во кој жените ќе можат отворено да разговараат за своето здравје и да добијат информации за можностите што им стојат на располагање“, истакнува д-р Велимир Савески, претседател на ХЕРА.

Отворањето на советувалиштето е дел од заложбите на ХЕРА за подобрување на пристапот до квалитетна и информирана грижа за сексуалното и репродуктивното здравје во различните животни фази. Во 2025 година, ХЕРА и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) го подготвија првиот национален Водич за перименопауза, заснован на медицина базирана на докази, со насоки за препознавање на промените во овој период и за соодветна грижа за жените.

„Перименопаузата не е период низ кој жените треба да поминуваат со неодговорени прашања или со чувство дека мора сами да се снаоѓаат. Во Советувалиштето за перименопауза, тие ќе можат да разговараат со гинеколог, да добијат проверени информации и насоки приспособени на нивните потреби. Важно е жените да знаат дека постојат начини за ублажување на симптомите и дека заслужуваат да бидат сослушани, информирани и соодветно поддржани“, истакнува прим. д-р Искра Дукова, гинеколог вклучена во работата на Советувалиштето за перименопауза.

Со воспоставувањето на советувалиштето, стручните знаења и препораки се преточуваат во практична услуга преку која жените ќе можат да добијат информации и насоки приспособени на нивните индивидуални потреби.

Редовните смени за советување започнуваат на 21 октомври 2026 година, во Младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно.

За информации и закажување термин, заинтересираните можат да се јават на 070 227 386 или да го користат онлајн-системот за закажување преглед.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK