(Фото) „Прва помош во урбана средина“ – почна 32. Државен натпревар во Скопје


825292212_1635404151546201_5071689792847854502_n.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На Плоштадот „Македонија“ денеска почна 32. Државен натпревар по прва помош, чиј домаќин е Црвениот крст на Град Скопје. На натпреварот учествуваат најдобрите младински екипи од земјава, кои преку реални сценарија ќе ги покажат своите знаења и вештини за укажување прва помош.


Годинашниот натпревар се одржува под мотото „Прва помош во урбана средина“, а натпреварувачите ќе се соочат со ситуации карактеристични за секојдневието во градска средина.

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој го отвори натпреварот, се заблагодари за ангажманот и пожртвуваноста на Црвениот крст.

– Капа долу за цела ваша пожртвуваност, вашето слободно време и за тоа што сте еден од најцврстите столбови на нашиот главен град – на градот Скопје, рече Ѓорѓиевски.

Тој најави поддршка за Црвениот крст во текот на неговиот мандат и на учесниците им посака фер натпреварување.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити, посочи дека преку натпреварот се испраќа порака за потребата од поголема подготвеност на граѓаните за укажување прва помош.

– Сакамe до 2030 година сите ние да се заложиме да имаме барем по едно лице подготвено, односно спремно за давање прва помош во домашни услови, во работни организации, во училишта, рече Саити.

Тој им се заблагодари на младите учесници за нивната подготвеност да помогнат и порача дека нивниот пример треба да го следат и нивните врсници.

Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска, информираше дека на натпреварот учествуваат 10 екипи кои биле најуспешни на општинските и регионалните натпревари.

– Црвениот крст на Град Скопје се потруди денеска на 10 локации низ урбаната средина да направиме вистински, реални сценарија, сè со цел екипите што беа најдобри на општинските и на регионалните натпревари да го покажат своето знаење, рече Тунева Пауновска.

Таа нагласи дека првата помош е вештина која може да ја совлада секој граѓанин и дека основните знаења може да бидат од клучно значење до пристигнувањето на итната медицинска помош.

– Првата помош спасува живот. Не мора да се биде медицинско лице за да се практикува првата помош, едноставно треба да се има желба да се научат основните чекори за да бидеме совесни и хумани граѓани, истакна Тунева Пауновска.

Таа упати апел до граѓаните да ги искористат обуките што ги нуди Центарот за обука по прва помош на Црвениот крст на Град Скопје, бидејќи, како што посочи, потребата од вакво знаење може да се појави на улица, во сообраќајот, во возило или во домот.

Натпреварот е практична проверка на знаењата на младинските екипи, но и активност преку која Црвениот крст ја подигнува свеста за значењето на првата помош и подготвеноста на граѓаните да реагираат во ситуации кога некому му е потребна помош.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK