Напредокот ѝ е потребен на Македонија, без оглед дали еден ден ќе стане членка на ЕУ, кажа Вајц


gashi-graganski-forum-3.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Напредокот ѝ е потребен на Македонија пред сè за да се развие во модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали еден ден ќе стане членка на Европската Унија, порача денеска австрискиот европратеник Томас Вајц на Граѓанскиот форум „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“.


Вајц оцени дека европската интеграција не треба да се гледа само како крајна цел, туку и како процес што треба да донесе подобри услови за живот за граѓаните. Во спротивно, предупреди, луѓето подобриот живот ќе го бараат на друго место.

– Дали напредокот нам ни е потребен во Европската Унија? Не, мислам дека напредокот ви е потребен вам, за вашата земја, да се движите понатаму, да се развиете модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали сакате да се приклучите на Европската Унија еден ден или не – рече Вајц.

Тој нагласи дека отворено треба да се разговара за проблемите со кои се соочува земјата, посочувајќи ги животната средина, квалитетот на воздухот, дивите депонии, рециклирањето, пречистителните станици, рударството и шумарството.

Вајц се осврна и на владеењето на правото и демократските процеси, нагласувајќи дека примената на законите треба да биде еднаква за сите.

– Јас верувам дека единствено земја којашто се грижи за основните работи – чист воздух, вода, за добри услови на живот, исто така напредува и економски. Сето тоа има директно економско влијание. Тоа е исто така и владеење на правото, дали законот се применува за сите на ист начин или пак зависи колку сте богат и од каде доаѓате – оцени Вајц.

Претседателот на Собранието Африм Гаши истакна дека полноправното членство во ЕУ е јасна стратешка определба на Северна Македонија, која, според него, треба да биде надпартиска и долгорочна.

– Европскиот пат не може да биде успешен ако се води само од институциите. Токму затоа ваквите форуми се важни – истакна Гаши.

Тој порача дека граѓаните треба постојано да бидат вклучени во креирањето на политиките, да поставуваат прашања, да предлагаат решенија и да бараат одговорност од институциите.

– Сакаме да бидеме дел од Европската Унија, но сакаме и европските стандарди да станат реалност за секој наш граѓанин. Европската интеграција ќе има вистинска вредност само доколку граѓаните се чувствуваат како активни учесници, а не како набљудувачи на процесот – порача Гаши.

Словачкиот европратеник Бранислав Ондруш го истакна значењето на директното учество на граѓаните во политичките процеси. Според него, податоците и анализите се важни за креирањето политики, но не се доволни за целосно разбирање на потребите на луѓето.

– Важно е да се води политика не само за луѓето, туку и со луѓето исто така – рече Ондруш.

Тој оцени дека интересите на корпорациите треба да бидат балансирани со интересите на јавноста и нагласи дека граѓаните треба да бидат активни учесници, а не само набљудувачи во процесите на носење одлуки.

Граѓанскиот форум „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“ се одржува од 25 до 27 септември во Скопје. На форумот се одвива директен дијалог меѓу граѓаните и носителите на одлуки, а предвидено е учесниците преку гласање да усвојат финални препораки.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK