Слем-караван низ центарот на Скопје ќе може да се види на 26 септември (сабота) со почеток во 18 часот по повод Светскиот ден на слемот.
Во светот се празнува 40 години од постоењето на оваа специфична поетска перформативна форма на изразување, а во земјава се одбележуваат 16 години од постоењето на „Поетски слем Македонија“.
Настанот ќе продолжи во пабот „Ѕе“ со почеток од 20 часот, каде што ќе се одржи полуфиналето за претстојното издание на фестивалот. Тројцата најдобри ќе се пласираат директно во финалето на фестивалот.
Шеснаесетото издание на „Поетски слем Македонија“ традиционално ќе се одржи во Прилеп, а годинава ќе трае од 8 до 11 октомври.
Во рамки на фестивалот ќе можат да се видат голем број настани, меѓу кои изложби, поетска монодрама „Лидија или сѐ што знам за жените“, промоции на книги од авторите Елена Пренџова, Катарина Фиаменго, Александра Јуруковска, Сузана Мицевска, Марија Грубор – Вардарска, Ненад Јолдески и Пијан Славеј (Бранислав Николов), во чии рамки ќе се одржи и концерт со „Хот џез оркестра“.
Специјални гости годинава се поетесите Елијане Лусија Леонардо Бутелане и Наташа Сокре од Мозамбик, Африка.
Фестивалот ќе се заокрижи со посета на манастирот „Успение на пресвета Богородица“ Трескавец и со вечер посветена на Тихомир Јанчовски.
Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп.
„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.
Годинешниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското.
Дизајнот на фестивалскиот плакат е на уметникот Владимир Лукаш.