На 25 септември Скопје ја одбележува Европската истражувачка ноќ – „Choose Science“


ern-posleden-petok-septemvri.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На 25 септември, Скопје ќе биде дел од Европската ноќ на истражувачите, европска иницијатива посветена на приближување на науката и истражувачката работа до јавноста, создавање можности за директна комуникација со научниците и поттикнување на интересот за науката, истражувањето и иновациите. Активностите поврзани со Европската ноќ на истражувачите 2026 се реализираат во рамки на проектот CHOOSE SCIENCE – „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“, координиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.


Во текот на денот, во Скопје, Битола, Штип и Охрид ќе се реализираат бројни активности во различни формати и на различни теми – од интерактивни работилници, научни демонстрации и презентации, до изложби, панел-дискусии, посети на лаборатории, разговори со истражувачи и други содржини наменети за различни возрасни групи. Преку овие активности, граѓаните ќе имаат можност одблиску да се запознаат со истражувачите и нивната работа, да поставуваат прашања, да споделуваат идеи и интерактивно да учествуваат во создавање наука.

Во Скопје, посетителите ќе можат да изберат меѓу голем број содржини на повеќе факултети на УКИМ.

На Техничкиот кампус, Машинскиот факултет ќе ги отвори своите лаборатории за посетителите. Програмата вклучува работилници од областа на мехатрониката и индустриската роботика, гејмификацијата на учењето, производното инженерство, термичкото инженерство, индустрискиот дизајн, автоматизацијата и управувањето со процеси, моторните возила, инженерските материјали и технологиите на заварување, и применетата механика на флуиди. Посетителите ќе можат да ја проследат и изложбата на студентски проекти Project Hub и ЕУ катчето посветено на истражувањето, науката и иновациите во инженерството.

На Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ, програмата ќе опфати работилници поврзани со енергетиката и современите дигитални технологии. Посетителите ќе можат да дознаат повеќе за производството на електрична енергија од обновливи извори, Power-to-X технологиите, основите на машинското учење и компјутерските архитектури. Во рамки на програмата ќе функционира и ЕУ катче посветено на европските можности во областа на технологијата и иновациите.

На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, програмата ќе опфати панел-дискусија посветена на дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста, како и ЕУ катче со содржини поврзани со истражувачки и иновациски проекти од областа на информатичките науки и компјутерското инженерство.

Своите врати за јавноста ќе ги отвори и Природно-математичкиот факултет – ПМФ, каде што посетителите ќе можат да ја откриваат науката преку различни дисциплини. Дел од активностите се посета на Ботаничката градина, Лабораторијата за креативна математика и Сеизмолошката опсерваторија. Ќе биде организирана и презентација на геопросторните платформи Google Maps, Google Earth Pro и QGIS.

Во програмата е вклучен и Економскиот факултет, со работилницата „Нарушувањата можат да бидат забавни – Откриј што кријат бројките со бизнис аналитика“, преку која учесниците ќе можат на интерактивен начин да откријат како податоците и бизнис аналитиката помагаат во разбирањето на трендовите, промените и предизвиците во деловното опкружување.

Разновидноста на активностите е една од главните карактеристики на Европската ноќ на истражувачите. Во текот на еден ден, посетителите ќе можат да преминат од роботика, машинско учење и обновливи извори на енергија, до ботаника, математика, сеизмологија, географија и бизнис аналитика. За учениците и младите, настанот претставува можност науката да ја доживеат надвор од учебниците – преку експерименти, разговори и директен контакт со луѓето кои секојдневно работат на истражување и развој.

Целокупната програма на Европската ноќ на истражувачи 2026, со информации за активностите, локациите, термините и можностите за пријавување, е достапна на веб-страницата на проектот.

Европската ноќ на истражувачите се одржува истовремено низ Европа на 25 септември 2026 година, а сите настани се бесплатни и отворени за јавноста.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK