Мицкоски во Њујорк: Фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна, во минатото направивме премногу отстапки


0020baf8-967a-42a0-db66-926e070cebd8.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот, Христијан Мицкоски, вчера се обрати пред престижниот самит „Конкордија“ во Њујорк, кој се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации.


На панел-дискусија со грузиската заменик-премиерка Мака Ботчоришвили, премиерот Мицкоски се осврна на пречките во евроинтегративниот процес и обидите на земјите членки на ЕУ да го искористат за менување на македонскиот идентитет. Според премиерот, се слушаат и позитивни пораки од Брисел.

„Ние го започнавме нашето патување пред речиси две и пол децении. И, за жал, поради некои вештачки причини, не успеавме да станеме дел од ЕУ. Веројатно еден ден ќе го постигнеме овој камен-темелник. Во меѓувреме, фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна, бидејќи во минатото направивме премногу отстапки: го сменивме знамето, Уставот го сменивме неколку пати, дури го сменивме и уставното име, и сето тоа ни изгледа како приказна без крај. Но, како и да е, ние веруваме во европските вредности и ќе продолжиме така, за конечно да најдеме излез од оваа заклучена ситуација во која се наоѓаме сега. Очигледно мораме да чекаме, но не само што чекаме, туку и правиме нешто“, вели Мицкоски и додаде:

„Се градиме и развиваме. За нас, за мојата генерација, преговорите со ЕУ беа еден вид начин да се променат институциите — не да се промени идентитетот. За жал, има некои земји членки коишто се обидуваат да решат некои билатерални прашања и не да ги променат нашите институции, туку да го променат нашиот идентитет. И ние сме жртва на еден вид малтретирање: или сте внатре или сте надвор, а ако сакате внатре, мора да го проголтате она што го бараме од вас. Но, тоа е опцијата и нема подобра опција за мојата земја. И бидејќи нема подобра опција, подготвени сме да одиме напред и да најдеме излез од оваа ситуација.“

На прашањето дали сепак има и позитивни пораки од Брисел, премиерот Мицкоски посочи дека пораките од самитот на ЕУ и земјите од Западниот Балкан во Тиват биле исклучително позитивни.

„Имаше заедничка презентација од Франција и Германија на еден документ којшто е неформален. Од Брисел слушаме дека можеби на следните заклучоци на Советот овој документ би можел да стане нешто што е официјална политика на ЕУ. Ќе видиме. А во меѓувреме ние целосно ја усогласивме нашата заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Нашето законодавство е помалку или повеќе усогласено со она на ЕУ. Ние не само што чекаме, ние работиме на нашиот развој, ја завршуваме нашата домашна задача, не го губиме времето, туку напротив — ова е нашиот стратешки камен-темелник и ќе останеме на тој пат напред“, изјави премиерот Мицкоски.

Освен на односите со Европската Унија, премиерот Мицкоски се осврна и на стратешкото партнерство со САД и изјави дека сака да бидеме пример за американското присуство во регионот и во Европа. Обраќањето на премиерот Мицкоски следеше по неговите средби со државниот секретар на САД, Марко Рубио, и високите претставници на Стејт департментот.

„На почетокот на годината имавме сесија на стратешкиот дијалог меѓу двете земји и потпишавме многу договори, многу меморандуми за разбирање. Го зголемивме нивото на соработка — во воената индустрија, енергетиката, ископување на еден критичен минерал – антимон – со помош на американската агенција ДФЦ. Мислам дека односите меѓу двете земји стануваат сè подлабоки со текот на времето. Имајќи ја предвид институционалната меморија, во Обединетите нации гласаме рамо до рамо со нашите сојузници, Соединетите Американски Држави, па би сакале да бидеме — и наша амбиција е да станеме — пример за Соединетите Американски Држави. Го поздравуваме американското присуство во регионот. Нека мојата земја биде пример за регионот и за Европа во име на Соединетите Американски Држави“, изјави Мицкоски.

Во контекст на соработката со САД и НАТО, премиерот Мицкоски ги претстави и стратешките инфраструктурни проекти на кои работи Македонија.

Во обраќањето на самитот „Конкордија“ во Њујорк, на кој учествуваа низа американски и светски лидери и претприемачи, премиерот Мицкоски се осврна и на економските резултати.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK