Мицкоски за епидемијата во Гостивар: На потег е обвинителот, а морална одговорност треба од сите, од прв до последен


micko-vo-vele-juli-26.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

За епидемијата во Гостивар со над 1200 заболени граѓани освен кривична, премиерот Христијан Мицкоски смета дека треба да има и морална одговорност која би тргнала од градоначалникот па надолу.  Владата и Институтот за јавно здравје, според премиерот, презеле сè што требало да се преземе.


„Ние како институции во рок од два дена сè завршивме. Утрово бев брифиран од Институтот за јавно здравје дека тоа коешто е нивна ингеренција е завршено и предадено до Обвинителството. Сега на потег е Обвинителството, односно обвинителот којшто треба да излезе со квалификација“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Велес.

Вчера, како Влада, премиерот вели дека презеле чекори за обезбедување 50.000 литри вода флаширана за пиење и најави дека така ќе биде секој ден, а очекува локалните претпријатија да ги прочистат водоводните цевки и да направат хлорирање за граѓаните да можат водата од градскиот водовод да ја користат како техничка.

„Вчерашните количини утрово се поделени, а денеска очекуваме нови три шлепери коишто ќе бидат повеќе од 20.000 литри по шлепер, негде околу 60.000 литри, коишто очекуваме во текот на денот исто да бидат дистрибуирани. Но, она коешто е многу важно е водата да се користи во Гостивар за технички потреби Таа сега, согласно препораките од Агенцијата за храна и ветеринарство и  Институтот за јавно здравје, не се користи ниту за технички потреби. Треба од денеска па натаму локалното јавно претпријатие водовод да започне со чистење на системот, хлорирање и, да речеме, во рок од ден, два, три да можат граѓаните да ја користат за техничка потреба“, рече премиерот Мицкоски со објаснување дека сè што сега се презема е обврска на локалната самоуправа, но поради летаргијата таму, мерки презема Владата.

Премиерот смета дека морална одговорност за епидемијата треба да понесат сите во локалната самоуправа.

„Инаку, морална одговорност, апсолутно таму сите од прв до последен треба да понесат одговорност. Покрај тоа што претпоставувам Обвинителството ќе се занимава со друга одговорност, очекувам дека од градоначалникот па надолу сите да понесат одредена морална одговорност“, вели премиерот Мицкоски.

За да се дојде до причината за епидемијата, тој кажа дека една по една ќе се разгледуваат и компаниите, правните лица кои учествувале во изградбата и надзорот на изградбата на водоводот во Гостивар.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK