Вечерва на фестивалот Скопско лето ќе се отвори изложба на графика насловена „Траги во графиката“ на Виктор Семенпеев, во Национална галерија на Македонија – Мала станица, со почеток во 20:30 часот.
Самостојната изложба на графики на Виктор Семенпеев претставува избор на дела во кои линијата, текстурата и отпечатокот се носечки елементи на визуелниот израз. Преку техники на длабок печат, сува игла, акватинта и сериграфија, авторот создава комплексни композиции што се движат меѓу апстрактното и асоцијативното. Неговите графики се исполнети со слоеви, ритам и суптилни визуелни траги кои го повикуваат гледачот на лично читање и интерпретација. Изложбата отвора простор за размислување за меморијата, времето и процесот на создавање, откривајќи ја графиката како медиум на истражување и современ ликовен дијалог.
Утре вечер продолжува Кинотеката на Скопско лето со проекција на филмот „Бикини Мун“ во режија на Милчо Манчевски, која ќе започне во 20:15 часот во Кинотеката на Македонија. Билетите за проекцијата се во продажба на karti.com.mk
Истата вечер со почеток во 20:30 часот во Музеј на град Скопје ќе се одржи документирана изложба и концертен настап по повод 10 години Национален џез оркестар, настан насловен „Трага во времето – 10 години Национален џез оркестар“.
„JAZZ10“ е визуелна архива на десет години современ македонски џез, со фотографии, материјали и приказни што сведочат за сцената и музичарите што ја обликуваа оваа деценија.
Проектот ја отвора приказната за една сцена што расте, експериментира и создава сопствен звук, преку концерти, авторски проекти, соработки и луѓе кои го градеа нејзиниот континуитет.
Влезот е слободен.