Спасени тројца планинари од Бистрица, ЦУК координираше акција поради здравствени тегоби на едно лице


sar-planina-696x437.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Тројца планинари беа успешно извлечени од планината Бистрица по координирана спасувачка акција во која учествуваа повеќе институции, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).


Преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, во Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово била примена пријава во 18:46 часот од лице кое побарало помош за извлекување од непристапен и тежок терен.

Еден од планинарите имал здравствени проблеми

Според информациите од ЦУК, станувало збор за група од тројца планинари, при што едно лице за време на движењето почувствувало посериозни здравствени проблеми – болки во градите, отежнато дишење и отежнато движење.

Планинарите не биле повредени, но поради здравствената состојба на лицето и непристапноста на теренот било неопходно итно организирање на спасувачка акција.

Од ЦУК информираат дека до нивната локација не можело да се пристапи со теренско возило, туку било потребно пешачење од најмалку три до четири часа.

Во акцијата учествуваа повеќе институции

Веднаш по добиената пријава, ЦУК преку РЦУК Тетово воспоставил координација со СВР Тетово, Итната медицинска помош, Дирекцијата за заштита и спасување – Тетово и Националниот парк „Шар Планина“.

Во спасувачката акција бил вклучен и алпинист-спасител, член на Тимот за брза интервенција и спасување во планина, кој веднаш се упатил кон локацијата на планинарите.

Во текот на целата акција, ЦУК одржувал постојана комуникација со пријавителите и ја координирал работата на сите надлежни служби.

Планинарите безбедно евакуирани и пренесени на лекарски преглед

По пристигнувањето кај групата, алпинистот-спасител, во консултација со екипата на Итната медицинска помош, извршил проценка на здравствената состојба на лицето со тегоби.

Било утврдено дека лицето може безбедно да се движи со придружба на спасителот до пристапна локација.

На безбедна точка планинарите биле пречекани од полициски службеници и екипа на Итната медицинска помош, по што биле транспортирани до Клиничката болница во Тетово за понатамошен преглед.

Подоцна, од Полициската станица Теарце информирале дека лицата безбедно пристигнале во селото Лешок, каде што на лицето со здравствени тегоби му била укажана медицинска помош.

По извршените прегледи било констатирано дека планинарите немаат повреди и, по укажаната помош, биле пуштени на домашно лекување.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK