Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа и заменик министерката Ане Лашкоска денеска беа во посета на Националниот парк Пелистер, заедно со амбасадорот на Шведска, Ола Солстром.
За време на посетата, директорот на НП Пелистер, Иванчо Тошевски, информираше за активностите што се спроведуваат за заштита на природните вредности на најстариот национален парк во државата. Посебен акцент се стави на зачувувањето и обновувањето на шумите од молика – ендемичен вид и еден од најпрепознатливите симболи на Пелистер.
Хоџа ја поздрави иницијативата на ЈУ Национален парк Пелистер за примена на современи пристапи во управувањето и заштитата на шумските екосистеми и ја потврди поддршката на Министерството за понатамошно унапредување на капацитетите на паркот.
Во таа насока, Хоџа најави дополнителна поддршка за Националниот парк Пелистер, преку инвестиција во современ објект за рана детекција и следење на шумски пожари.