Со изборот на Катерина Зајковска за нов член на ДКСК, продолжува практиката на скандалозни кадровски екипирања, велат од Левица


dksk.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Собранието денес ја избра Катерина Зајковска за нов член на Државната комисија за спречување на корупцијата, со што продолжува практиката на скандалозни кадровски екипирања на оваа институција, реагираат од Левица.


Токму Катерина Зајковска, како вработена во одделот задолжен за контрола на финансирањето на политичките партии, според Левица, учествуваше во прикривањето на фирмата „Буст ДООЕЛ“, поврзана со синовите на поранешната членка на ДКСК, Цвета Ристовска. Наместо институционална одговорност за ваквиот скандал, денес, како што додаваат, сведочиме на нејзино унапредување во самата Антикорупциска комисија.

„Сѐ уште нема разрешница за двете постапки кои Антикорупциска комисија ги отвори против Цвета Ристовска – за непријавување имот во анкетниот лист и за добивање средства за изборна кампања од ВМРО-ДПМНЕ. Дополнителен сомнеж за начинот на кој функционираше раководството на ДКСК предизвикува и случајот со дипломата на директорот на АНБ. Токму Цвета Ристовска го затвори предметот поврзан со сомнежите за спорната диплома на директорот Бојан Христовски. Особено проблематично е што во јавноста постојат фотографии од заеднички настани и контакти меѓу Цвета Ристовска и ректорот Ацо Миленковски, односно лицето чија образовна институција ја издала спорната диплома.

Ниту Основното јавно обвинителство досега нема дадено одговор по кривичната пријава што Левица ја поднесе против Цвета Ристовска за непријавување имот. Молкот на институциите само ги зајакнува сомнежите дека станува збор за организирано прикривање на одговорноста и селективна правда“.

Фактот, што, како што велат, Антикорупциската комисија не отвори ниту еден предмет во кој е утврдена одговорност на актуелен висок функционер, покажува дека оваа институција е целосно заробена и ставена во функција на заштита на ДПМНЕ, наместо во служба на борбата против корупцијата.

„Денешниот избор на Катерина Зајковска е уште една потврда дека наместо прочистување на институцијата од кадри поврзани со скандали, власта избира континуитет на истите структури и истите практики. Наместо независна антикорупциска комисија, граѓаните добиваат партизирана институција која служи како штит за функционерите и како инструмент за пресметка со политичките противници“.

Левица оценува дека институција која селективно постапува, ги штити политички моќните и не испорачува резултати во борбата против корупцијата, ја изгубила својата смисла на постоење. Антикорупциската комисија одамна престана да биде коректив на власта и се претвори во заробена институција без кредибилитет и доверба кај граѓаните и заради тоа треба да биде укината.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK