Христијан Мицкоски повторно застана против македонските земјоделци и уште еднаш го спаси својот министер Цветан Трипуновски. По директен налог на Мицкоски, пратениците на ВМРО и владејачкото мнозинство во Собранието гласаа против интерпелацијата за Трипуновски, велат од СДСМ.
„Со тоа Мицкоски уште еднаш застана против илјадниците земјоделци низ државата кои гласно бараа оставка од најеспособниот министер во историјата.
Сега на сите земјоделци им е кристиално јасно дека зад катастрофалната состојба во земјоделството, намалените субвенции, неисплатените субвенции, корупциските скандали стои Христијан Мицкоски.
За само 2 години македонското земјоделство е на колена, земјоделците едвај преживуваат. Субвенциите се намалени за дури 40 милиони евра и не се исплаќаат, намалена е поддршката за тутунот од 100 на 80 денари за прва класа, укинати се низа мерки за малите земјоделци, лозарите, оризопроизводителите, намалени се субвенциите за говеда од 12.000 денари на само 8.000 денари.
Сточарството е доведено на раб на колапс, бројот на грла се намалува, а сточарите секојдневно се жалат на намалените откупни цени на млекото. Во време кога цените во маркетите растат откупната цена на млекото се намалува. Па каде завршува разликата?
Откупните цени се понижувачки, а производствените трошоци постојано растат. Лозарите, овоштарите, тутунарите и градинарите се оставени без никаква поддршка.
Тоа го потврдуваат и бројките, откупот од малите земјоделци падна за 46,2 проценти, директен показател за колапсот на земјоделското производство и пласманот.
Додека нема пари за земјоделците оргомни корупциски скандали се случија, како скандалот со ИПАРД програмата, митото од 50 илјади евра и многу други.
Затоа денес е јасно зошто Трипуновски остана, само затоа што зад себе ја има заштита од Мицкоски.
Прво го спасија од корупциски скандали, после го спасија и од политичка одговорност. До кога? Дали поради бизнис интереси, тендери, провизии? Јавноста ќе дознае, вистината не може да се сокрие“, се вели во соопштението на СДСМ.