Ново балканско рангирање: УКИМ лидер во земјава, Кедев на врвот меѓу македонските истражувачи


univerziteti-screenshot-2026-06-10-135911.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е најдобро рангираната високообразовна институција во Македонија според новопромовираната платформа АРБУ (Академско рангирање на балканските универзитети), додека проф. д-р Сашко Кедев е највисоко рангираниот македонски научник.


АРБУ денеска беше промовиран во Скопје како прво регионално рангирање кое ги опфаќа универзитетите од целиот Балкан и нивното научно влијание. Анализата опфаќа 324 универзитети и високообразовни институции од осум држави, повеќе од 33.000 професори и истражувачи и над 19,7 милиони научни цитати.

Според резултатите, на врвот на балканската листа се Универзитетот во Загреб, Универзитетот во Белград и Универзитетот во Љубљана.

Во Македонија, УКИМ е најдобро рангиран универзитет и водечки во најголем број научни области. Сепак, рангирањето покажува значителен јаз во однос на водечките регионални институции. Додека УКИМ располага со околу 400 илјади цитати, Универзитетот во Загреб има повеќе од 4,6 милиони цитати, а универзитетите во Белград и Љубљана повеќе од два милиони.

По УКИМ, највисоко рангирани во земјава се Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Универзитетот во Тетово. Меѓу приватните високообразовни установи најдобро пласиран е Меѓународниот балкански универзитет.

Во категоријата индивидуални истражувачи, највисоко рангиран научник од Македонија е проф. д-р Сашко Кедев со повеќе од 38.500 цитати. По него следуваат академик Љупчо Коцарев, проф. д-р Марија Вавлукис, проф. д-р Тодор Арсов и проф. д-р Лидија Попоска.

Податоците покажуваат дека медицинските науки се најсилното научно поле во Македонија според цитираноста и меѓународното влијание, при што речиси 60 проценти од цитатите на највлијателните македонски истражувачи доаѓаат токму од оваа област.

На промоцијата на платформата, основачот на АРБУ, проф. д-р Марјан Бојаџиев, изјави дека целта е Балканот да добие сопствена академска мапа и транспарентна алатка за следење на академската успешност на универзитетите и истражувачите.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека македонското високо образование со години заостанува зад регионот, но посочи дека се спроведуваат законски и финансиски реформи за подобрување на состојбите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK