Архангел ја претстави „Срцевина“ – ново поглавје, нова музика и премиера на спотот за „Дни оловни“


press-30.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На денешната прес-конференција во Мака Бар во Скопје, легендарната македонска рок група Архангел официјално го најави големиот концерт „Срцевина“, кој ќе се одржи на 13 јуни на Стадионот на АРМ, како и новото студиско поглавје на бендот, по повеќе од две децении од последното дискографско издание.


Концертот „Срцевина“ е замислен како средба на музиката и публиката во простор исполнет со енергија, сеќавања и нови приказни. Архангел ќе ги изведе песните што со години се дел од колективната меморија на неколку генерации, но и нови композиции што го најавуваат претстојниот албум. Настанот носи можност за заедничко доживување на музиката во нејзината најнепосредна форма – како искрена комуникација меѓу сцената и публиката.

Пред претставниците на медиумите беше премиерно прикажан и новиот видеоспот за синглот „Дни оловни“, песна што го најавува претстојниот албум на Архангел и означува враќање на бендот со нов авторски материјал.

На прес-конференцијата говореа Ристо Вртев, фронтмен и автор на Архангел, Иво Антов, автор и реализатор на видеоспотот за „Дни оловни“, и Цвета Спасова, извршен директор на Adriatica Records и организатор на концертот. Преку видео-врска се обрати и реномираниот пијанист и композитор Васил Хаџиманов, кој ќе биде специјален гостин на концертот „Срцевина“.

Ристо Вртев истакна дека „Срцевина“ не е само концерт, туку можност да се сумираат повеќе од четири децении авторска работа и истовремено да се отвори простор за нови песни и нова комуникација со публиката.

За мене „Архангел“ е – она што го чувствувам да го претворам во песна и тоа да биде автентично, да не личи на нешто постоечко, автентично во смисла на некои атмосфери, зашто низ разни премрежја се менува и емотивниот набој во песните, како кај народниот творец. Ова не е квалификувана музика, ова си ти самиот, нешто што сам си го задаваш, немаш канон. Јас правам песни, авторска музика, ова мене ми се допаѓа заради енергијата. Автентични автори кои се прифаќаат или не, тоа е клучот, објасни Вртев и додаде дека аматерски се занимава со културна политкка како и сите останати што се заинтерсирани да ни опстои културата во добра форма.

„Дни оловни“ претставува прва објава од претстојниот албум на Архангел и, според Вртев, е песна која природно го поврзува почетокот на неговиот авторски пат со сегашниот момент. Публиката на концертот ќе има можност премиерно да слушне и дел од новите композиции што ќе бидат дел од новото дискографско издание.

Авторот на видеоспотот, Иво Антов, зборуваше за креативниот процес и визуелниот концепт зад „Дни оловни“, нагласувајќи дека станува збор за дело кое ја следи емоционалната и поетска структура на песната, притоа задржувајќи современ визуелен израз.

Цвета Спасова нагласи дека концертот „Срцевина“, снимањето на концертниот материјал и подготовката на новиот албум претставуваат дел од поширок проект што се реализира под капата на Adriatica Records, со цел достојно да се одбележи новата фаза во кариерата на Архангел.

Во своето видео-обраќање, Васил Хаџиманов изрази задоволство што ќе биде дел од концертот и што ќе настапи со својот бенд како специјален гостин на „Срцевина“.

„Голема чест ми е што со мојот бенд ќе бидеме дел од концертот ‘Срцевина’ и што ќе настапиме заедно со Архангел. Со нетрпение ја очекуваме средбата со публиката во Скопје. Архангел е една од најзначајните групи на македонската и регионалната музичка сцена, со препознатлив авторски израз и песни што и денес силно комуницираат со публиката. Уверен сум дека нè очекува вечер исполнета со музика, емоции и вистинска енергија“, изјави Хаџиманов.

Снимено во „Clinic Sound“, sound design на Gramophonedzie

Синглот „Дни оловни“ е снимен, миксан и мастериран во скопското студио „Clinic Sound“ на Нино Спиркоски. Sound design е потпис на Марко Миличевиќ, познат под псевдонимот Gramophonedzie.

На концертот премиерно и нови композиции во живо

На концертот „Срцевина“ на 13 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје, Архангел покрај песните од досегашната дискографија ќе изведат и дел од новите композиции премиерно во живо, нудејќи ѝ на публиката прва можност да го слушне материјалот што ќе биде дел од претстојниот албум.

Покрај Вртев, во Архангел се и Александар Ванчовски, Дејан Митровиќ – бас, Иван Петровски – гитара и Филип Димишковски – клавијатури.

Концертот „Срцевина“ ќе се одржи на 13 јуни 2026 година, со почеток во 20:00 часот, на Стадионот на АРМ во Скопје.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK