За Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ главен приоритет се интересите на македонските граѓани, направен е уште еден значаен чекор од кој директна придобивка ќе имаат токму граѓаните на Република Македонија. Станува збор за конкретен, видлив и практичен чекор кон европската иднина на Македонија, а тоа е приклучувањето кон иницијативата „Роаминг како дома“, изјави Драгана Бојковска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
Таа појасни дека со „Роаминг како дома“, граѓаните ќе можат да користат мобилни услуги, повици, СМС-пораки и мобилен интернет, без дополнителни роаминг трошоци, односно под услови еднакви со домашните тарифи.
„Поконкретно, добиваме помали трошоци за граѓаните, полесна комуникација со семејствата, пријателите и деловните партнери во Европа, подобри услови за компаниите и поевтина прекугранична соработка. Тоа значи конкретна придобивка од европската интеграција, која граѓаните ќе ја почувствуваат директно во секојдневниот живот“, рече Бојковска.