Колешки кои ја имале истата тетоважа откриле дека се сестри, се запознале во барот кадешто и двете работеле


bar-depositphotos_64312565_l.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Џулија Тинети и Касандра Медисон имале многу нешта заеднички, а набрзо откако се запознале работејќи во истиот бар, станале блиски пријателки.


Во тоа време, никој не знаел колку всушност биле блиски.

Тинети и Медисон израснале во 1990-тите години, во Конектикат, Соединетите Американски Држави. Иако не се познавале како деца, живееле на само петнаесеттина минути една од друга и двете биле посвоени, пишува „Би-би-си“.

Како девојче, Медисон размислувала за својата биолошка мајка и копнеела еден ден да ја запознае. Се прашувала дали ја наследила нејзината насмевка или нејзините очи. Знаела дека нејзиното биолошко семејство потекнува од Доминиканската Република.

„Одлучија да ме дадат на посвојување затоа што беа многу, многу, многу, многу сиромашни и не можеа да си дозволат да ме задржат“, вели Медисон.

Кога станала девојка, Медисон се обидела да го пронајде своето биолошко семејство, но немала извод од матичната книга на родените и целиот нејзин труд не ја одвел никаде.

На 19-годишна возраст, Медисон го истетовирала знамето на Доминиканската Република на раката за да ја потсетува на нејзиното потекло.

„Да се биде Доминиканка за мене е прашање на гордост“, вели таа.

Пет години подоцна, почнала да работи како келнерка во еден бар. Таму ја запознала колешката Тинети, која го забележала знамето истетовирано на раката на Медисон. За работата да биде уште понеобична, и Тинети имала тетоважа со знамето на Доминиканската Република, но на грбот. Таа одлучила да се истетовира на 22-годишна возраст, како потсетник на местото каде што е родена.

Тинети и Медисон набрзо сфатиле дека и двете се посвоени.

„Реков нешто како: ‘Да, јас сум посвоена оттаму’“, вели Тинети.

„А таа ми рече: ‘Чекај малку, па и јас сум посвоена оттаму.’ Се укопав во место кога го слушнав тоа.“

Почнале да ги прашуваат луѓето: „Дали мислите дека ние двете си личиме?“

„А тие одговараа: ‘Да, вие две навистина многу си личите’“, се присетува Тинети.

Недолу потоа, таа и Медисон почнале на шега да им кажуваат на луѓето дека се сестри. Медисон дури предложила да почнат да се облекуваат исто за да личат уште повеќе една на друга.

Сето тоа го правеле на шега, но во еден момент помислиле дека можеби навистина се во сродство. Одлучиле да ја споредат документацијата за посвојување, но таму немало ништо што би укажувало на тоа дека се навистина сестри. Според документите, биле родени во различни места, а нивните биолошки мајки имале различни презимиња.

По некое време, и двете добиле нова работа и се оддалечиле една од друга. Тинети останала во Конектикат, додека Медисон се преселила во сојузната држава Вирџинија. Останале во контакт, но поради оддалеченоста не биле толку блиски како порано.

Години подоцна, Медисон добила комплет за генетско тестирање како божиќен подарок. Така пронашла роднина која ѝ кажала дека нејзината биолошка мајка починала во 2015 година. Веста ја вознемирила, но роднината ѝ помогнала да открие многу други членови на семејството, како и нејзиниот биолошки татко.

Роднината на Медисон ѝ раскажала дека нејзините родители поминувале низ многу тежок период во животот додека таа била бебе. Таа договорила разговор со нејзиниот биолошки татко, Адријан Луна Коладо, преку телефон и тој ѝ раскажал дел од она што се случувало кога била дадена на посвојување.

И кажал дека семејството било толку сиромашно што спиеле на земјен под. Кога мајката на Медисон била бремена со неа, нејзиниот постар брат исто така бил многу болен, па татко ѝ одлучил дека единствениот начин семејството да се избори со тоа е да ја дадат Медисон на посвојување.

Набрзо Медисон почнала да прави планови за лет до Доминиканската Република. Целото нејзино биолошко семејство било таму и ја дочекало на аеродромот, носејќи маички со ликот на нејзиното лице. Медисон паднала во прегратките на татко ѝ – се прегрнале и плачеле заедно.

Тоа било прекрасно патување, но кога Медисон се вратила, се случил уште еден пресврт.

Ја контактирала жена по име Моли. Таа била најдобрата пријателка на Тинети од детството. Нивните родители патувале заедно од САД во Доминиканската Република за да посвојат деца. Моли верувала дека е биолошка сестра на Медисон затоа што и двете го имале истото име на мајката во изводот на родени. Но, ДНК тестовите покажале дека не се сестри, туку само далечни роднини, а и името во изводот било погрешно.

Меѓутоа, Моли имала слика од биолошката мајка на Медисон која, како што рекла таа, изгледала идентично како Тинети, и затоа инсистирала на тоа дека всушност Медисон и Тинети се сестри.

Медисон го повикала својот биолошки татко преку видео повик и го прашала дали семејството можеби дало на посвојување уште едно бебе.

„Изгледаше како да му потонале сите лаѓи“, вели Медисон.

„И тој рече: ‘Да, го направив тоа’. А јас му реков: ‘О, мој Боже. Па никогаш не ми го кажа тоа.’“

Со ова ново сознание, Медисон сметала дека нема време за губење. Штом успеала, земала уште еден комплет за генетско тестирање и возела осум часа низ снежна бура до местото каде што живеела Тинети.

Биле потребни две и пол недели за да пристигнат резултатите од тестот. Чекањето било агонија за двете – ниту една не можела да се концентрира на работата додека ги чекале вестите.

И конечно, кога пристигнале резултатите, Тинети ја отворила пораката и таму била потврдата дека таа и Медисон се сестри.

„Искрено, тоа беше лудост“, вели Тинети.

„Сето ова време сме биле сестри, а не сме го знаеле тоа.“

Медисон заплакала кога слушнала. Рекла дека нивниот татко бил пресреќен и дека сака да се сретне со Тинети што е можно побрзо.

И така, сестрите испланирале да одлетаат заедно за Доминиканската Република. Кога пристигнале, целото семејство уште еднаш ги дочекало, овој пат носејќи маички со ликовите на двете. Нивниот татко зачекорил кон Тинети, цврсто ја прегнал и рекол: „Mi hija“ – мојата ќерка.

Тоа нивно прво патување како сестри било исполнето со радост, музика и танц.

Коладо вели дека неговата повторна средба со ќерките била најголемиот подарок што му го дал Бога.

„Многу сум среќен, навистина среќен. Секој пат кога ќе ми дојдат на гости, срцето ми е полно. Ги дочекуваме со љубов и нежност, онака како што треба да прават сите семејства.“

„Тоа е една прекрасна приказна. Не секому му се укажува прилика да раскаже ваква приказна.“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK