Од петок до недела, во ОАКА арена, во Атина, ќе се одигра завршниот турнир во Евролигата.
Овогодинешниот турнир носи историска промена – за прв пат во модерната ера, нема да има натпревар за трето место на Фајналфорот, па целиот фокус ќе биде насочен исклучиво кон полуфиналните битки и големото финале.
Бранителот на титулата Фенербахче и грчкиот гигант Олимпијакос ќе го отворат Завршниот турнир од 17:00 часот, додека најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид и најголемата сензација во сезоната, тимот на Валенсија, ќе играат во второто полуфинале од 20:00 часот.
Иако сите го очекуваа Панатинаикос на турнирот, атинскиот гигант доживеа епски колапс во четвртфиналето кога испупшти два брејка предност, водство од 2:0 во серијата со Валенсија.
Првиот полуфинален пар носи судир на гиганти кои се познаваат многу добро.
Олимпијакос регуларниот дел од сезоната го заврши на првото место. Екипата на Јоргос Барткокас се пласираше во својот петти последователен Фајналфор благодарение на убедливата победа од 3-0 против Монако во четвртфиналната серија. Главната сила на Грците лежи во МВП-то на лигата Саша Везенков , одличниот српски центар Никола Милутинов и бековите Тајлер Дорси и Еван Фурние.
Од друга страна, Фенербахче, предводен од Шарунас Јасикевичиус, ја брани титулата. Турскиот тим пристигна во Атина по драматично четвртфинале против Жалгирис (3:1). Најголема закана за одбраната на Олимпијакос ќе биде бековскиот тандем на Фенербахче, Вејд Болдвин и Тален Хортон-Такер, двајцата избрани во втората најдобра петорка во лигата. Во лигашкиот дел од сезоната, двата тима го одбранија својот домашен терен – Фенербахче победи во Истанбул со 88:80, додека Олимпијакос во Пиреја беше убедлив со 104:87, благодарение на најдобриот меч во кариерата на Еван Фурние, кој постигна 36 поени.
Во второто полуфинале ќе се сретант тимот со најмногу трофеи и дебитантот на завршните турнири.
Валенсија направи чудо под водство на Педро Мартинез, враќајќи се од 0-2 на 3-2 против фаворитот Панатинаикос, што е втор таков пресврт во историјата на натпреварувањето. Лидер на Валенсија е 22-годишниот доминикански бек Жан Монтеро, кој беше прогласен за МВП на плејофот на Евролигата и добитник на престижната награда „Ѕвезда во подем“.
Реал Мадрид влегува во овој натпревар со огромни проблеми под кошот. Тренерот Серхио Скариоло остана без двајца клучни центри. Прво, дефанзивниот столб Валтер Таварес ги повреди лигаментите на коленото, а потоа неговата замена, украинскиот центар Алекс Лен, го повреди стапалото.
Поради ова, Реал ќе биде принуден да игра со Усман Гаруба (кој исто така има проблем со повреда и физичката подготвеност) и крилниот центар Треј Лајлс.
Како непосредна реакција, потпиша Омер Јуртсевен од НБА, но тој има право да игра само во шпанската лига. Креативноста на тимот ќе зависи од Факундо Кампацо додека првата напаѓачка опција на крилото ќе биде Марио Хезоња.
Поради сериозни повреди во Реал Мадрид, обложувалниците и кошаркарските аналитичари ја доделија улогата на јасен фаворит на Олимпијакос, чие освојување на титулата е проценето со коефициент од 2,00 (околу 50% шанси). Реал Мадрид следи со коефициент од 5,00, додека Валенсија со 9,50 и Фенербахче со 11,50.
Шарунас Јасикевичиус обезбеди место во Фајналфорот на Евролигата по шести пат по ред како тренер, што никој досега не го сторил пред него. Сега тој има можност да влезе во одбраното друштво на тренери кои го одбраниле трофејот, што не било чест случај низ историјата.
Во 21 век, само Пини Гершон со Макабија и Ергин Атаман со Ефес успеаја да го сторат тоа. Интересно е што Јасикевичиус беше дел од тој тим на Макаби и можеше да стане првиот во историјата што ја одбрани титулата европски шампион и како тренер и како играч.
Серхио Скариоло ја одбележа својата одлична тренерска кариера со шпанската репрезентација, со која освои сè, додека во својата клупска кариера има трофеи од Европскиот куп, национални титули, а како асистент, и НБА прстен. Сепак, тој никогаш не ја освоил Евролигата.
Со Валенсија, Педро Мартинез стана втор тренер во историјата, по Чус Матео, кој стигнал 0:2 во плејофот, а сега ќе се обиде да стане европски шампион во своето прво учество на Фајнал Фор турнирот. Сепак, прв фаворит за трофејот во моментов е Барцокас, кој со Олимпијакос, кога го наследи Душан Ивковиќ, стана шампион на Европа во 2013 година.