Демократски сојуз ги осуди вчерашните протести и, како што велат, обидите за политичка злоупотреба на прашањето за употребата на албанскиот јазик во правосудниот систем.
Според партијата, особено загрижува фактот што на протестите биле присутни и граѓани од соседните држави Косово и Албанија, што, според ДС, претставува недозволив обид за надворешно влијание врз внатрешните политички и институционални прашања на Република Македонија.
„Очигледно е дека зад овие активности стои политичката агенда на ДУИ, која по губењето на власта се обидува преку националистичка реторика, етнички тензии и вештачки кризи да предизвика дестабилизација на државата и да обезбеди политички поени“, велат од партијата.
Демократски сојуз смета дека правото на употреба на албанскиот јазик мора да биде гарантирано и почитувано согласно Уставот, Охридскиот рамковен договор и законите, но истовремено мора да се зачува единствениот, функционален и ефикасен правосуден систем кој функционира на македонски јазик како службен јазик на државата.
Според ДС, недозволиво е правосудството да стане поле за политички и етнички конфронтации или за создавање паралелни системи кои би ја нарушиле правната сигурност и единството на институциите.
„Ја повикуваме Владата да не подлегнува на притисоци, уцени и радикални барања, туку преку дијалог и стручна дебата да изнајде европско и одржливо решение кое ќе обезбеди: целосно почитување на јазичните права на сите заедници; задолжително познавање на македонскиот јазик за носителите на правосудни функции и зачувување на единствениот правосуден систем и унитарниот карактер на државата. Република Македонија има потреба од стабилност, владеење на правото и меѓуетничка доверба, а не од политички сценарија базирани на поделби и конфликти“, велат од Демократски сојуз.