Чешката полиција уапси 35-годишен маж осомничен за кражба на религиозна реликвија стара речиси 800 години – череп за кој се верува дека ѝ припаѓа на светата Здислава од Лемберк.
Според полицијата, осомничениот признал дека ја украл реликвијата од црквата „Свети Ловро“ во северниот чешки град Јаблоне в Подјештеди.
Истражителите со специјална опрема утврдиле дека черепот бил скриен во бетонски блок и не бил оштетен. Во моментов, реставратори работат на негово безбедно вадење.
Осомничениот изјавил дека се противи на јавно изложување човечки останки и планирал черепот да го фрли во река и приватно да го погреба.
Кражбата се случила на почетокот на црковна служба, а против мажот е покрената истрага за кражба, оштетување имот и нарушување на јавниот ред. За овие дела му се заканува затворска казна од две до осум години.
Прашкиот надбискуп Станислав Прибил изјави дека реликвијата ќе биде вратена во базиликата и во иднина ќе биде заштитена со непробојно стакло и алармен систем поврзан со полицијата.
Светата Здислава од Лемберк била чешка благородничка од 13 век, позната по основање манастири и болници и по грижата за сиромашните. Папата Јован Павле Втори ја прогласи за светица во 1995 година.