Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека неговата влада бара од западните сојузници конкретни гаранции за начинот на кој ќе функционира безбедносната поддршка по завршувањето на војната, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.
Во интервју за украинската приватна телевизија „1+1“, емитувано доцна синоќа, Зеленски истакна дека е потребно идните безбедносни гаранции да бидат јасно дефинирани и потврдени со писмен документ.
„Важно е тоа да биде јасно на хартија“, рече украинскиот претседател.
Тој нагласи дека Киев очекува прецизни одговори за тоа како би реагирале западните сојузници во случај на нов руски напад по евентуален мировен договор.
„Не станува збор за десетици точки, туку едноставно за разбирање на исходот: ако Русија повторно почне да напаѓа, што ќе се случи? Кој ќе направи што, со какви средства и кога? Овие одговори мора да бидат јасни, пред сè, за нас Украинците“, рече Зеленски.
Зборувајќи за американската поддршка за Украина, Зеленски оцени дека е важно да се зачува поддршката и од демократите и од републиканците во Соединетите Американски Држави.
Сепак, тој призна дека убедливата победа на Демократската партија на конгресните избори, кои се одржуваат на половина од претседателскиот мандат, би можела да има позитивен ефект врз обемот на американската помош за Киев.
„Верувам дека нашите шанси за добивање дополнителна помош од САД сега би можеле да се зголемат“, рече украинскиот претседател.