Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Русија 76 пати намерно го нападнала украинскиот енергетски сектор откако американскиот претседател Доналд Трамп пред една недела објави енергетско примирје.
„Само минатата ноќ беа регистрирани напади врз трафостаници во регионите Виница, Житомир, Хмелницки и Одеса. Десетици илјади семејства и натаму се без електрична енергија. Енергетските работници и екипите за поправки работат практично деноноќно за да го обноват снабдувањето со електрична енергија“, објави Зеленски на својот профил на социјалната мрежа Икс.
Тој потврди дека руските сили во текот на изминатата ноќ погодиле и станбени објекти во повеќе украински региони.
Според податоците што ги објави украинскиот претседател, во нападите биле повредени 12 лица, меѓу кои и две деца, додека две лица загинале.
„Изразувам сочувство до нивните семејства и блиските“, наведе Зеленски.
Тој посочи дека руските сили во текот на изминатата недела ја нападнале Украина со речиси 2.700 нападни дронови, 1.700 авионски бомби и 66 ракети, од кои повеќето биле балистички. Како главни цели на нападите ги посочи енергетските објекти.
„Русите се обидуваат да предизвикаат целосен прекин на снабдувањето со електрична енергија. САД треба да видат дека Русија не презема никакви реципрочни чекори како одговор на ублажувањето на санкциите или на договорите. Напротив, секој сигнал за можност да заработат пари го толкуваат како доказ дека нивната определба за војна се исплати и дека можат да продолжат да се борат. Русија мора да се соочи со притисок за мирот да има шанса“, порача украинскиот претседател.