Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика западните партнери на Украина да најдат политичка волја да му ги обезбедат на Киев потребните воени резерви или, како што рече, светот ќе се соочи со „една од побесрамните страници на историјата“.
Зеленски го испрати апелот во време кога американскиот пакет воена и друга помош е блокиран поради несогласувања во Конгресот.
Зеленски, во своето видео обраќање синоќа, рече дека „светот мора цврсто да реагира за да се осигура дека војната ќе стане безнадежен потфат за Путин, кој сака само војна и смрт“.
„Тие мора максимално да почувствуваат дека постои сила која ги уништува оние што го уништуваат животот. Ние можеме да се грижиме за тоа. Секој од нашите партнери знае што е потребно“, рече тој.
„Главната работа е политичката волја за да се обезбедат залихите кои ќе бидат корисни“, рече тој.
„Ако ова не е случај, тоа ќе биде една од најсрамните страници во историјата, доколку Америка и Европа загубат од ирански „Шахед“ (дронови) или руски борбени авиони“, додаде.
Претставничкиот дом на САД е под притисок да го усвои пакетот за национална безбедност вреден 95 милијарди долари, кој ќе обезбеди помош за Украина и Израел, како и за Индо-Пацификот. Предлог-законот беше одобрен од Сенатот минатиот месец со гласови од 70 „за“ и 29 „против“, но претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон се противи на испраќање на нацрт-законот за помош во Претставничкиот дом на гласање.