Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека разузнавачката служба на неговата земја има информации за 155 кинески државјани кои се борат на страната на Русија против Украина, додека Пекинг ги негира таквите тврдења.
Зеленски им рече на новинарите во Киев дека Русија регрутира кинески граѓани преку социјалните мрежи и дека кинеските власти знаат за тоа. Украина, рече Зеленски, се обидува да утврди дали регрутите добиле инструкции од Пекинг.
Пекинг ги отфрли обвинувањата на Киев дека голем број Кинези се борат на страната на Русија во војната во Украина, велејќи дека обвинувањата се неосновани.
Вчера Зеленски извести за фаќање на двајца кинески државјани кои се бореле како дел од руската армија на истокот на Украина.
Тој ја обвини Кина дека воено ја поддржува Русија, која ја нападна неговата земја во февруари 2022 година, и побара објаснување од Пекинг. Кина, сепак, возвраќа дека овие тврдења се целосно неосновани.
„Позицијата на Кина за украинската криза е јасна и недвосмислена, таа беше препознаена од меѓународната заедница“, изјави Лин Џианг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи на редовната прес-конференција денеска.
Во врска со фаќањето на двајца кинески државјани, портпаролот рече дека Кина во моментов ја проверува оваа информација со украинската страна. Тој, исто така, посочи дека кинеската влада бара од своите граѓани да се држат настрана од областите каде што се водат вооружени конфликти, да избегнуваат да бидат вклучени во каков било вооружен конфликт, а особено да избегнуваат учество во воените операции на која било страна.
Лиан Џианг смета дека Украина треба да ја цени конструктивната улога на Кина во изнаоѓањето политичко решение за украинската криза.
Кремљ одби воопшто да ги коментира украинските наводи. Сепак, Зеленски смета дека Кина, по Иран и Северна Кореја, е третата земја која воено и помага на Русија.
Иако Кина го поддржува територијалниот интегритет на Украина, таа не ја осуди руската инвазија на таа земја.