Вонредна состојба на Исланд, земјата се отвора, граѓаните се подготвуваат за ерупција: се стравува од повторување на пеколното сценарио од 2010 година

Вонредна-состојба-на-Исланд-земјата-се-отвора-граѓаните-се-подготвуваат.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Една од вулкански најактивните земји во светот прогласи вонредна состојба поради најновата закана од ерупција.


Околу 4.000 луѓе се евакуирани од своите домови во Гриндавик, кој е најзагрозен поради неговата непосредна близина до вулканот Фаградалсфјал на полуостровот Рејкјанес. Веќе една недела Исланд е сеизмички хиперактивна област, а жителите секојдневно чувствуваат по неколку стотици потреси. Популарната туристичка Сина лагуна е затворена од петокот.

Целиот остров е во тензично исчекување бидејќи експертите велат дека земјотресите кои со денови татнеат под површината се знак за голема вулканска ерупција, која може да се случи „во секој момент“.

Огромни пукнатини се појавија во близина на Гриндавик, а воздушните снимки објавени од крајбрежната стража покажуваат пукнатина што поминува низ центарот, исфрлајќи чад додека магмата се приближува до површината. Набрзина се градат одбранбени ѕидови околу блиската геотермална централа, за која се надеваат дека ќе ја заштитат од тековите на лава, пренесува Јутарњи лист.

За многу локални жители, најновиот развој на настаните потсетува на катастрофалната експлозија на друг исландски вулкан, Ејафјалајокул, во 2010 година. Сеизмичката активност на тој вулкан започна во 2009 година и доведе до кулминација, односно до ерупција на 29 март 2010 година. Тоа беше првата ерупција на тој вулкан по речиси 200 години.

Втората ерупција започна на 14 април, а огромниот облак од пепел што го создаде доведе до најголемото нарушување на воздушниот сообраќај во европската историја предизвикано од природна катастрофа. Милиони патници беа заглавени на аеродромите од 15 април.

Научниците дале проценки за Дејли Меил за новата ерупција, а прашање е дали може да се спореди со онаа во 2010 година.

д-р. Дејв Мекгејв, вулканолог од Универзитетот Ланкастер, рече дека огромниот облак од пепел што го виделе пред 13 години веројатно нема да се повтори.

„Можна ерупција што ќе резултира од сегашните потреси на земјата нема да доведе до прекини како ерупцијата во 2010 година“, рече тој.

„Во ерупциите на полуостровот Рејкјанес доминира производството на лава со само мало производство на пепел, додека во ерупцијата во 2010 година доминираше производството на пепел“, додаде тој.

Тој оцени дека е многу мала веројатноста последната ерупција да предизвика нарушување во трансатлантскиот воздушен сообраќај.

Иако главниот град на Исланд Рејкјавик е далеку од опасната зона, аеродромот Кефлавик во Исланд се наоѓа на околу 17 километри северозападно од активната област. Авиосообраќајот на Кефлавик во моментов се одвива непречено.

Сепак, како мерка на претпазливост за домашни и меѓународни летови, шифрата за боја за летовите до полуостровот Рејкјанес сега е портокалова што значи – зголемена активност.

Портокаловото предупредување претставува ограничена опасност за воздушниот сообраќај. Следната фаза е црвена и нивото се подига доколку дојде до вулканска ерупција која може сериозно да влијае на воздушниот сообраќај.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK