Војната мора да заврши што е можно поскоро: Зеленски за разговорите со Русија и САД


Depositphotos_665688178_XL.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека постои можност за одржување трилатерален состанок на лидерите на Русија, Украина и САД за решавање на прашања што можат да се решат само на највисоко ниво, нагласувајќи дека за Украина не може да се одлучи без нејзино учество.


Зборувајќи за разговорите со претставникот на американскиот претседател, Стив Виткоф, Зеленски рече дека биле презентирани „одредени јасни идеи за тоа како да се постигне мир“, објави „Скај њуз“.

„Една од важните идеи е преминот кон трилатерален состанок на лидерите или можноста за таков состанок, со цел да се решат прашања што можат да ги решат само лидерите“, рече Зеленски и додаде дека Виткоф утре ќе отпатува во Русија, каде што ќе се види што има да каже рускиот претседател Владимир Путин.

Зеленски ги отфрли тврдењата дека Украина ја губи војната против Русија, но предупреди за загубата на човечки животи и последиците од војната за децата и цивилите.

„Но, губиме луѓе“, рече Зеленски, додавајќи дека украинските деца немаат вистинско детство и дека е потребно војната да заврши што е можно поскоро.

Тој изрази надеж дека американските и европските партнери ќе ѝ помогнат на Украина.

Тој исто така рече дека американското разузнавање за ракетните напади сега функционира, нагласувајќи ја неговата важност за рано предупредување на населението за пристигнувањето на балистички ракети.

„Раното предупредување е исклучително важно за нашиот народ – за децата и цивилите, за да знаеме кога доаѓаат балистичките ракети“, рече украинскиот претседател.

Зеленски исто така изјави дека за време на разговорот со специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф во Осло, биле разгледани предлози за различни формати на прекин на огнот, безбедносни гаранции за Украина и територијални прашања.

На прес-конференцијата, по разговорите со учество на норвешкиот премиер и финскиот претседател, Зеленски рече дека Украина е подготвена за преговори и дека е важно да се покажат знаци на деескалација, објави „Укринформ“.

„Затоа постојат одредени предлози за различни формати на прекин на огнот“, рече Зеленски.
Тој изјави дека со американската страна се разговарало за безбедносните гаранции за Украина, вклучително и можноста за примена на Член 5 од НАТО и опцијата „лесен Член 5“.

Според него, документот што Виткоф ќе ѝ го предаде на руската страна содржи различни видови безбедносни гаранции, а одговор се очекува во рок од еден ден.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK